Насловна / Архитектура / 50 ГОДИНИ ОБНОВА И ИЗГРАДБА НА СКОПЈЕ (19)

50 ГОДИНИ ОБНОВА И ИЗГРАДБА НА СКОПЈЕ (19)

ИСТОРИСКО-КРИТИЧКИ ПОГЛЕД НА АРХИТЕКТУРАТА

АРХИТЕКТУРАТА НА ДВА ПАРАЛЕЛНИ СВЕТА 1.

19-1
Со распишувањето на меѓународниот конкурс за Спомен куќа на Мајка Тереза (2007) на архитектите им се буди надежта дека на сцена се враќа фер натпреварот, но скорешната иднина ќе покаже дека тоа е можеби „последната лебедова песна“ во тој домен. Оценувањето на релативно големиот број пристигнати квалитетни трудови се одвива на вистинско професионално ниво, така што се доделуваат предвидените награди. Меѓутоа, под влијание на распишувачот на конкурсот, Оценувачката комисија во записникот става одредба дека тој не е обврзан да гради според првопласираниот труд на португалскиот архитект Жорже Марум.

Затоа, подоцна се распишува нов конкурс на кој имаат право да се пријават само кандидати со меѓународни референци од предметната област. И покрај тоа, меѓу пријавените се наоѓа и Вангел Божиновски, кој со истиот труд (?!) на претходниот регуларен конкурс не доби никакво признание, а во повторениот конкурс „стана лауреат“. За овие настани, како и за не/квалитетите на веќе реализираниот проект своевремено на страните на списанието „Порта 3“ е пишувано поопширно.

19-2а
Дека постепено започнува еден вид процес на суптилно ограничување на слободата на архитектонското творештво се потврдува и преку иницијативата за реконструкција и надградба на зградата на Собранието на Р. Македонија. На пристигнатите конкурсни проекти (2007) не им е доделена награда, така што распишувачот настојува и на крај успева да ги спроведе своите желби, врз надградбата да постави централна и две бочни стаклено-челични куполи. За да се овозможат тие интервенции, во една нерегуларна постапка објектот е „симнат“ од списокот на заштитените културно-историски добра.

19-3
19-3а
Со конкурсот за Музеј на македонската борба (2007) дефинитивно станува јасно дека архитектурата под влијанија надвор од неа, го губи епитетот на автономно творештво. На овој конкурс е одбран трудот на Зоран Петров, кој во дадените услови се откажува од неговата понатамошна разработка. Конкурсниот труд детално го разработува Зоран Јордановски, кој во обликувањето на објектот внесува историцистички неовизантиски елементи. Од друга страна, во внатрешноста се јавуваат витражи, кои се типични за готиката (!).

Индикативно е тоа што, од овој конкурс па натаму започнува „оттуѓувањето“ на конкурсните трудови од пошироката културна јавност. Конкурсните трудови за капиталните објекти во центарот на градот веќе не се прикажуваат на јавни изложби, ниту пак се организираат стручни дебати. Избраните проекти не се претставуваат ниту на архитектонски смотри, како што се БИМАС, Големата годишна награда за архитектура или АСК.

На таков начин, на површината изникнува еден нагласен парадокс во актуелната македонска архитектура, која започнува вештачки да се дели на два паралелни света: онаа со чии проекти јавноста е запознаена и за нив слободно дебатира, и архитектура со која јавноста се запознава дури по нејзината реализација. Се поставува прашањето, која е причината за таквата состојба и дали тоа се прави осмислено во интерес на нечија агенда? За да се одговори на поставеното прашање, потребна е поопсежна општествено-политичка, социолошка и културно-уметничка анализа.

Некои добро упатени стручно-научни лица, како што е д-р Донка Барџиева, професор по историја на уметноста и архитектура, одговорноста ја лоцираат во Министерството за култура, во чиј буџет „за 2007, 2008, 2009 година се предвидуваат средства за (ре)креирање на културното наследство, како посебен приоритет“. (Фокус од 24 февруари 2012,  стр.18).

19-4
Идните архитектонско-урбанистички зафати во центарот на Скопје одат во прилог на изнесените наводи, што најдобро го илустрира видео-презентацијата (2010) на т.н. проект Скопје 2014 во која се претставени веќе реализираните објекти со историцистички карактеристики, но исто така и објектите што допрва ќе се проектираат. Останува отворено прашањето, како е направена нивна толку детална видео-презентација, кога за тие објекти сè уште немаше проекти, туку во иднина следуваа т.н јавни набавки за нивно проектирање?

Нема сомневање дека проектот Скопје 2014 предизвика и светско внимание, но на еден многу поинаков начин, отколку што беше тоа за постземјотресната обнова на градот. Коментарите беа и сè уште се интересни, во кои се добиваат и некои пофалби од непрофесионалците, додека професионалната фела за тој проект во најголем дел пишува со сарказам.

Skopje kopile
Се чини дека најдлабока урбанистичка, социолошка и архитектонско-уметничка анализа имаат направено Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек во нивната книга СКОПЈЕ светско копиле – архитектурата на поделениот град (SKOPJE the World’s Bastard, architecture of the divided city. Wieser, Klagenfurt, 2011). Во неа, анализата е направена низ две главни поглавја, Траума I и Траума II. Во првото поглавје, со поднаслов „Од земјотрес до фрагментација“ се следи архитектонско-урбанистичкиот развој на градот до осамостојувањето на Р. Македонија, а во второто поглавје со поднаслов „Од отворен до поделен град“ се следат промените по осамостојувањето на државата. Во завршниот дел на книгата со наслов Акција и со поднаслов „Кратковидосота на постутопијата“, авторите се занимаваат со „новата утопија за Скопје, содржана во проектот Скопје 2014“, вклучувајќи го и процесот на т.н. антиквизација, изразен преку новите споменици и објекти.

19-6
Своевремено списанието „Порта 3“ ги отвори своите страници за стручна расправа во однос на сите аспекти од проектот Скопје 2014, во која зедоа учество стотина архитекти и културни дејци, од кои огромното мнозинство се изјасни против него. Бидејќи архитектонските решенија за објектите од проектот Скопје 2014 не се јавно презентирани, а самите објекти во најголем број сè уште се довршуваат, стручно-научната анализа за нивната не/вредност останува за во иднина. Од тие причини во продолжение ќе се задржиме на останатите позначајни објекти, кои ја одбележуваат обновата и изградбата на Скопје (1963-2013).

19-719-8 19-8a
На конкурсот за објект на Македонската филхармонија (2007) се поднесени неколку квалитетни предлози. Б. Филиповска, М. Пановски и Ј. Гугуловска, нудат едно модерно „Алтовско“ решение со совршено вклопување во непосредната околина со експресионистичка архитектура. Сепак, пред нив првата награда ја однесува трудот на Виктор Михајлов со меко обликувани волумени, кои контрастираат на блиската околина, а донекаде се во врска со куполите на Даут-пашиниот амам. Иако овие волумени наликуваат на „пнеуматска“ архитектура, под нив се крие масивна армирано-бетонска конструкција. Спротивно на меко извитканата надворешност, во обликувањето на концертната сала преовладува геометричноста.

19-9
Големото познавање на архитектурата на гледалишните објекти, В. Михајлов со А. Наумчески го покажуваат и кај проектот за Турски театар (2008-2013) во близина на новата железничка станица, со чие решение нудат вметнување на еден модерен кристал во тривијалната околина. Истите автори имаат стекнато и меѓународна репутација со победата на конкурсот за новата опера во Белград (2006).

MNT centar osnovaНа конкурсот за МНТ-Театар Центар (2009), В. Михајлов повторно предлага еден модерен кристал, кој совршено се вклопува во околината, при што над горните „додатни“ нивоа поставува кровна бавча. Но, на овој конкурс победуваат Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља со партнерите, кои над театарскиот волумен отвораат „горен плоштад“ меѓу волумените на деловните простории. Притоа, целата композиција добива структурална обвивка од лесни вертикални тенки ленти.
MNT centar izgled

Dramski presekРечиси истовремено се одвива и конкурсот за Драмски театар (2009), на кој победува екипата на Студио Платформа, со еден кристаловиден деконструктивистички во-лумен, но сепак со рационално функционално решение. Над гледалиштето се отвора атриум, околу кој се распоредени деловните простории.

19-11

Испрати коментар

Scroll To Top