Професорот д-р Вулнет Палоши е еден од првите албански инженери во полето на патната инфраструктура, во Република Македонија, Република Косово и Република Албанија. Во својот животен и творечки век тој даде голем придонес на професионалното поле, оставајќи големи дела.
Вонредниот професор Вулнет Палоши дипломира во 1980 година на Градежниот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, насока: Патишта и сообраќај и се стекнал со стручен назив: дипломиран градежен инженер.
На Градежниот факултет специјализира во 1987 година со труд од областа на патишта со тема „Примена на површински обработки за зајакнување на постојни коловозни конструкции на патишта“, и се стекнува со стручен назив: специјалист по технички науки.
Магистрира на истиот факултет во 2002 година со труд од областа на патишта со наслов „Функционални придружни објекти на автопатишта со посебен осврт на објектите за наплата на патарина во систем на комерцијална експлоатација“.
Во 2005 година на Градежниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, успешно ја брани докторската дисертација под наслов: „Методологија за дефинирање на индикатори за потреби од рехабилитација на коловози во систем за контрола и управување со нив“.
Во 2007 година со одлука на Сенатот на „Државниот универзитет во Тетово“ се здобива со наставно-научно звање: доцент, а во 2013 и со наставно-научно звање: вонреден професор.
Во периодот од 1980 до 1991 Вулнет Палоши работи во Приштина како технички директор на „Пут Приштина“. Во периодот од 1992 до 1998 работи во Општина Тетово, како член на Извршен совет во областа на урбанизмот. Во периодот од 1998 до 2002 е директор на Фондот за магистрални патишта на Република Македонија. Бил и директор на приватна градежна фирма, а од 2006 година наваму предава на Факултетот за применети науки при „Универзитетот во Тетово“ – Тетово.
Во досегашната своја кариера има учествувано на повеќе меѓународни презентации, комисии, форуми, работилници и експертски собири, од областа на патиштата и сообраќајот. Автор е на многу книги и студентски скрипти, а учествувал и во изготвувањето на Државна стратегија за унапредување на безбедноста во сообраќајот“. Проф. д-р Вулнет Палоши беше член, соработник, координатор, консултант, советник итн. во многу асоцијации, здруженија, претпријатија и други институции на национално ниво.
Автор: Скендер ПАЛОШИ, дипл.инж.арх