Денес (26 јуни), во 20 часот, во Музеј на град Скопје, ќе биде отворена изложба на Данкан Хигинс, професор по визуелна уметност во Британија и Норвешка. Насловот на изложбата е „Долу на фармата“, а таа претставува пресек на 14-годишна работа и престој на северот на Русија, односно на архипелагот Соловки, на само 165 километри од Арктичкиот круг. Позната по својата импресивна убавина, ова е истовремена локација за одмор и рекреакција, дом на еден од најпознатите руски манастири изграден во 15 век, но и место за прогонство, кое во 20 век било користено како еден од најбруталните логори на советскиот Гулаг.
Изложбата се состои од повеќе од 1000 слики со димензија 25х20 сантиметри, изработени од материјали кои вклучуваат масло, водени бои, мастило, рачно правена хартија, креда, „жакар“ ткаенини, локални везови, често пати комбинирани со документарни фотографии. Изложбата е придружена со уникатна, рачно напишана книга за искуствата на уметникот со живите луѓе, нивните приказни, но и со историските архиви, како руските и литванските.
Изложбата поставува прашање за тоа дали уметничките слики можат да играат документаристичка улога?
Всушност ова е специфично толкување на историските нарации и етнографски материјали, собрани од спомнатиот архипелаг, но и од соседните земји. Начинот на кој тие се поставени (во голема група ѕидни инсталации) ја укинуваат потребата од линеарна нарација, и ја фрагментираат, речиси дробат историската меморија, на ситни парченца. Така приказните ја добиваат својата вистинска смисла во сооднос со другите, но сами по себе можат лесно да се заборават и да исчезнат.
Изложбата е во рамките на „Скопско лето“, а организирана во соработка на 3Г Доминиум културно јадро и Музејот на град Скопје.