ИСТОРИСКО-КРИТИЧКИ ПОГЛЕД НА АРХИТЕКТУРАТА
АРХИТЕКТОНСКОТО ТВОРЕШТВО ВО НОВИ ОКОЛНОСТИ
Кон средината на првата деценија од XXI век постепено се создаваат нови околности во областа на градителството, кои се резултат на неколку општествено-административни и други промени. После долги дискусии и одлагања започнува да функционира Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија, но таа „не е по мерка“ на архитектите, кои беа први заговорници за нејзиното формирање. Тие не се задоволни од начинот на кои се не/регулирани стручните и професионалните односи во градителството. Тоа донекаде претставува резултат на непостоење „матично“ министерство за урбанизам и градежништво, кое без издржана причина беше укинато уште во 2000 година.
Улогата на Асоцијацијата на архитектите постепено се маргинализира, така што нејзиното влијание врз развојот на архитектурата постепено ослабува. Институцијата јавен конкурс, особено на меѓународно ниво, речиси замира. Дури и за капиталните објекти, наместо конкурси се распишуваат т.н. јавни набавки со кои архитектонската уметност се става на многу ниско ниво. Затоа на таквите расписи, наместо некогашната масовност се пријавуваат само по неколку учесници, така што квалитетот тргнува по надолна линија.
Тогаш се формираат или веќе се формирани нови факултети за архитектура и дизајн, кои овозможуваат поголема пристапност до универзитетска диплома. Во тие промени има улога и реформата на високото образование, односно воведувањето на т.н. ЕКТС систем, согласно Болоњскиот процес. Досегашното искуство покажа дека само делот што се однесува на европскиот кредит систем донекаде заживува, додека делот за т.н. трансфер систем сè уште е далеку од реализација. Тоа покажува дека таквата реформа засега има само формален, а не и суштински карактер.
Како и да е, во областа на архитектонското образование тоа би требало да создаде поголема конкуренција, која може да доведе до повисок квалитет, се разбира доколку настанат поволни општествено-економски услови. Во средината на деценијата сè уште не се појавуваат нови програмски содржини или пак некои изразити нови архитектонски концепции. Архитектите и понатаму најмногу се занимаваат со проектирање на станбени и деловни објекти.
Мишо Арсов при реконструкцијата и адаптацијата на сопствената куќа во населбата Жданец (2005-2007), го користи своето претходно искуство произлезено од основните кубични форми и боите на неопластицизмот, кои вешто ги комбинира со помош на новите технолошки градежни материјали.
Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља преку проектот за семејната куќа во населба Кисела Вода (2007) покажуваат креативно истражување на, како што велат „интровертна, одлепена куќа 3600“. Со суперпонирањето на трите крила околу атриумот куќата се вклопува во наклонетиот терен, а со тремот и галеријата таа станува истовремено екстровертна. Од друга страна, кај семејната куќа на ул. „Орце Николов“ (2008), тие ја развиваат идејата на неомодернизмот со елементи на конструктивизмот.
Како и во своите претходни индивидуални објекти, Дијана Мицковиќ останува и понатаму верна на поставките на неомодернизмот, што се потврдува со семејната куќа Игра (2010), која со едноставноста на формите потсетува на творештвото на Адолф Лос.
Авторската група од студиото „Плаформа“ преку куќата „Г“ во населбата Бардовци (2010-2011) прават креативен спој на идеите на неопластицизмот со елементи на локалната традиција. Притоа, со помош на полунивоите совршено се приспособуваат на теренските услови, а со формата на објектот го „прегрнуваат“ сонцето.
Влатко П. Коробар за овој период го подига основното училиште со градинка „Нова“ (2009-2010), кое ја продолжува воспитно-образовната и архитектонско-обликуваната линија, претходно воспоставена со подигањето на истоимената гимназија. На таков начин, оваа целина станува примерен ансамбл за подигање училишни објекти кај нас.
При подигањето на административно-деловните објекти се користи најновата градежна технологија и се настојува да се следат светските трендови во нивното обликување. Така на пример, Ѓорѓи Мојсов и Оливија Мојсова од „ГМС“, во центарот на градот го прават бизнис центарот Сан Марко (2007-2010) со основа, каде со една елипса продираат во неправилна призма, при што со наклонетоста на фасадните површини ја динамизираат композицијата. Од друга страна, Милчо Мојсов со „МАГОС“ кај објектот Корнер (2007-2010) на бул. „Партизански одреди“ во една асиметрична силуета од елегантно извиткана стаклена обвивка, со вовлекување вметнува мотив на триумфална порта, што соодветстува на името на деловниот ансамбл „Порта Буњаковец“.
Административно-деловниот објект на кеј „13 Ноември“ веднаш до стариот мост, од различни причини се претвора во долготраен зафат, за да според проектот (2005-2008) на Јовица Стефановски биде пуштен во употреба 2012, како седиште на „Телеком“. Со неговата силуета и со второстепената пластика, авторот неумешно настојува да направи мемориска врска со објектот на некогашната Народна Банка, урната во 1963 година.
Бизнис центарот за недвижности Граве (2009-2010) на бул. „Климент Охридски“, Звонко Тасевски и Крсте Петров, според нив „се одликува со строга едноставност, отворен план, структурална фасада и кровна градина“. Сепак, едноставниот стаклен кубус добива на динамика со помош на местимично поставени вертикални ленти, под кои ноќе зрачи топла светлина.
Дека и објектите кои содржат складишта, покрај функционални вредности можат да добијат и висок обликовен квалитет, покажуваат Драган Игнов и Никола Павловски со складиштето под царински надзор и администрација (2008-2009) на бул. „Босна и Херцеговина“. Со употребата на челични елементи и монтажни панели овој објект добива нагласена технолошка нота. Слична проектантска постапка Н. Павловски применува и кај изложбено-продажниот салон со складиште Југоекспорт стил (2008-2009).
Во текот на првото десетлетије на XXI век видлив замав зема и појавата на трговско-комерцијалните објекти, чии сопственици инстистираат на поголема рационалност во градењето, но истовремено и на нивно атрактивно обликување. Почетокот можеби е означен со комерцијалниот центар Лумикс на плоштадот „Македонија“ (2000-2009) на Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља, кој со својата мека и ниска силуета прави динамична рамнотежа со острата и висока силуета зад него. „Здиплените“ хоризонтални слоеви и шарената лимена обвивка на објектот прават впечаток на нагласена леснотија, но под нив се крие тешка армирано-бетонска конструкција.
Роза Младеновска и Светлана Кујунџиска за потребите на познатиот бренд „Веропулос“ го создаваат Веро Супер Центарот (2007-2008), со успешно решена функционална содржина и мајсторска просторна композиција на аголот меѓу два булевари. Во обликувањето на објектот се вметнати препознатливи елементи на брендот.
Мишо Арсов и Снежана Арсова со проектот дисконт центар Тинекс на ул. „Првомајска“ (2007) покажуваат дека се мајстори и за посложени содржини. Тие успеваат од еден утилитарен објект да создадат архитектонска скулптура со динамични потези и со живописни бои, притоа исполнувајќи ги барањата за рационална функција. Широкиот творечки репертоар на истите автори се потврдува и со следниве објекти: автосалонот Пауер Груп (2011) во населба Злокуќани и БИГ БОКС на Инженеринг импекс (2011). И двата објекти имаат уникатна функција и обликовно решение со нагласена динамика и колорит, создадени со помош на висока технологија.
Како круна на трговско-комерцијалните објекти се појавува трговскиот центар Скопје Сити Мол (2010-2012) на Грегори Ибанез, Звонко Тасевски и Крсте Петров, добитник на големата годишна награда за архитектурата (2012). Овој огромен објект има сложена разновидна содржина со голем паркинг сместен во сутеренот и на етажи. Покрај трговските и угостетелските содржини, тој располага и со 9 киносали, куглана и др. Неговиот просторен состав, обликувањето, како и движењето на посетителите се направени согласно барањата на брендот, така што на нив нашата публика бавно се прилагодува. За секојдневното непречено функционирање на овој сложен ансамбл се применети најнови технолошки системи, а за него се грижат голем број вработени. Сопственикот тврди дека тоа е најголемиот затворен трговски објект на Балканот.
Се разбира дека за потребите на голем број наведени и ненаведени објекти се направени мноштво проекти за нивно внатрешно уредување, така што тешко може да се направи некој потесен избор, без да бидат направени поголеми превиди.