Минатата седмица постигнат е трилатерален договор на Европскиот Совет, Комисијата и парламентарните одбори за зголемување на задолжителниот удел на обновливи извори во енергетскиот микс, од претходните 27% на дури 32% до 2030 година, со што се настојува сериозно да се поттикне енергетската транзиција. Тоа е резултат на 18 месечни тешки преговори, но и оваа амбициозна цел ги остави разочарани дел од зелените активисти. Секако, одговорот од индустријата за обновливци е позитивен бидејќи со овој потег се отвара простор за нови инвестиции и нови работни места. Договорената нова цел е обврзувачка на ниво на Унијата, а земјите членки треба да ги претстават своите придонеси преку националните стратешки планови. Не помалку важно е дека државите членки ќе мора да достигнат таргет од 14% обновлива енергија и во секторот сообраќај.
Во текот на преговорите земјите имаа противставени гледишта. Не е изненадување фактот што Франција се залагала за дури 35%, бидејќи претседателот Макрон ја имаше токму енергетската транзиција на главно место во својата програма.