Изложбата „Влахо Буковац – Ремек-дела од ризницата на Националната галерија на Македонија“ на македонската публика ќе и претстави дела од колекцијата на Галеријата што имаат голема историска и уметничка вредност, а кои досега не биле излагани и се не доволно познати.
Влахо Буковац (1855-1922) е основоположникот и еден од главните преставници на хрватската модерна уметност. Воедно тој е и најистакнатиот хрватски сликар од преминот на деветнаесеттиот во дваесеттиот век. Роден во Цавтат, Буковац е само еден од неколкумината хрватски сликри кои студирале на Ecole des Beaux Arts во Париз (кај прославениот Alexandre Cabanel). Тој живеел и во САД, Загреб и Прага, а имал и долги престои во Англија и во Виена. Повеќе пати успешно настапил на прочуените париски салони, а учествувал со свои дела и на Првата секцесиска изложба во Виена, на Светската изложба во Париз во 1900 година а неколку пати и на венециско Биенале (1897, 1901 и 1903). И поред тоа што учел кај големи имиња на академизмот, во подоцнежниот период од неговата кариера врз Буковац влиаеле и новите генерации на модерни уметници, па во неговите доцни дела може да се забележи експресионистички допир на четкицата како и користење на техника блиска до поентилизмот.
Буковац Влахо, Мајка и дете, 1894, масло на платно
Во колекцијата на Националната галерија на Македонија, Буковац е застапен со повеќе дела кои со сигурност се меѓу највредните во колекцијата. Поред овие слики на Буковец на изложбата ќе бидат претставени и дела на други големи хрватски сликари како и неколку фоторепродукции кои се поврзани со сликите од Националната галерија. Оваа изложба за прв пат ќе ја престави уметноста на Буковац на македонската публика.
Медовиќ Целестин, Супер флумина бабилонис, масло на платно, 1890-93,
Мурат Марко, Внатрешност на црквата Св. Влахо-Дубровник, масло , 1898 (околу)
Ова претставување го предвидовме да биде дел од програмата на одбележување на Маѓународниот ден на музеите 2018 под мотото “Hyperconnected museums: New approaches, new publics”. Целите на одбележување на овој меѓународен ден на музеите е подигнување на свеста врз фактот дека “Музеите се важен начин за културна размена, збогатување на културите и развој на меѓусебното разбирање, соработка и мир меѓу луѓето” Илјадници музеи ширум светот практикуваат најразлични настани, изложби, поставки со кои се презентира сопственото културно наследство. Културното наследство во „трезорот“ на Националната галерија, дел од Колекцијата, опусот на Влахо Буковац и други хрватски автори од истиот историски период ќе бидат претставени на изложбата со наслов „Влахо Буковац – Ремек-дела од ризницата на Националната галерија на Македонија“ на 19 мај (сабота), во објектот Мала станица, во 20 часот.
Поставката „Влахо Буковац – Ремек-дела од ризницата на Националната галерија на Македонија“ ќе биде затворена со предавање на кустосот на изложбата д-р. Кирил Пенушлиски.