Насловна / Архитектура / Долго патување до хотелот „Хилтон“

Долго патување до хотелот „Хилтон“

На почетокот на март 2018 година во Белград е отворен хотелот „Хилтон“. Објектот се наоѓа на аголот на улиците „Крал Милан“ и „Крал Милутин“, мошне значајна локација за Белград во линија која ги спојува „Теразије“ и „Славија“. Приказната која ја следи историјата на овој објект е мошне интересна, бидејќи многу зборува за тоа колку можат околностите да се сменат во едно општество за некои десетина години, од моментот кога бил распишан конкурсот, до моментот кога во присуство на гости свечено е отворен објектот. Инвестицијата чини околу 70 милиони долари. Претставува хотел со 5 ѕвезди на околу 30.000 квадратни метри, содржи 242 соби, 19 апартмани, балска сала, спа-центар, конференциски сали, подземна гаража на четири нивоа, чиј еден дел служи и како јавна гаража. Проектот за објектот на денешниот хотел „Хилтон“ во Белград поминал повеќе фази на менување на намената, изгледот на фасадите и други сегменти, а на сето тоа влијаела и промената на инвеститорот на објектот. Во непосредна близина на плоштадот „Славија“, кој бил реконструиран скоро во исто време се наоѓа хотелот кој со својот изглед придонесува за одреден архитектонски квалитет на околината. Зградата е со едноставна геометрија со динамични елементи на сегментираната фасада и посебно нагласен остар агол, поддржан со столб кој се расчленува во триделен столб по вертикала. Автори на конкурсното решение се Игор Мариќ и Божидар Маниќ, а автори на Основниот проект се Игор Мариќ, Божидар Маниќ, Бојан Забуловец, Александар Суџуковиќ и Зоран Мрваљевиќ. Основниот проект е изработен во проектантското биро „ЗАП ДОО“ од Белград. Ентериерот е проект на студиото „Cristiano Gatto Design“ од Италија.

За самиот објект, борбата за струката и конкурсното решение за Порта 3 говори еден од коавторите на награденото решение, архитект д-р Игор Мариќ, научен советник во Институтот за архитектура и урбанизам на Србија.

Igor-Maric_p

Архитект д-р Игор Мариќ

На конкурсот распишан во 2007 година освоивте прва награда заедно со архитектот Божидар Маниќ, што можете да ни кажете за тоа?

Се работеше за јавен, урбанистичко-архитектонски конкурс на кој учествуваа 15 тимови. Во жирито помеѓу останатите беа и академик Милан Лојаница и тогашниот градски архитект Ѓорѓе Бобиќ. Ние добивме прва награда, според образложението на жирито, благодарение на тоа што нашето решение најдобро одговорило на барањето, објектот да се прилагоди на матрицата и на духот на градот. Фронтот на објектот на улицата „Крал Милан“ има околу 80 метри, додека фронтот на улицата „Крал Милутин“ околу 60 метри. Со оглед на тоа ние држевме ритам од околу 20 метри. Идејата беше објектот да се расчлени на помали сегменти, бидејќи во тие две улици поголем дел од фронтовите на фасадите се од 15 до 20 метри. Се трудевме нашиот објект да биде вклопен во околниот изграден контекст. Од друга страна, бидејќи фасадата на улицата „Крал Милан“ е на јужна страна, предвидовме дупла фасада, како заштита од бука и сонце. Според конкурсот зградата прво беше предвидена да биде деловно-станбен објект. Според тоа решение на улицата „Крал Милан“ беше сместен деловниот дел, додека на улицата „Крал Милутин“ имаше мешана намена, деловен дел и околу 3.000 метри квадратни домување.

konkurs

Конкурсно решение

Што се случуваше потоа?

На основа на конкурсното решение добивме Одобрение за градење во 2008 година. Комплексот опфаќа и јавен двор, мал базар, реминисценција на белградскиот Безистен. Потоа, тогашниот инвеститор воспоставува контакт со претставници на „Хилтон“ и ние работевме дополнителни варијанти на решение за хотел. Во одреден момент инвеститорот заедно со „Хилтон“ избира потенцијален изведувач, но тој изведувач бара прилагодување на објектот на нивната технологија и изведбата на проектираното решение од овие причини се стопира. По некое време, тогашниот инвеститор ја продава локацијата на друг инвеститор кој си зема други проектанти со кои работи веќе подолго време. Тие изработуваат нов проект, но не воочуваат дека според урбанистичката дозвола постои услов дека проектот мора да биде изработен врз основа на првонаградениот конкурсен труд и во соработка со авторите. Тогаш нас нè контактираат. Во тој период јас бев претседател на Здружението на архитекти на Србија и директор на Институтот за архитектура и урбанизам на Србија, а мојот колега исто така беше член на претседателството на Друштвото на архитекти на Белград и на републичката Комисија за планови и со оглед на наведеното бевме активно вклучени во работата на струката, а тие тогаш бараа од нас да го прифатиме нивното побарување за фасада која битно се разликуваше од конкурсното решение. Ние, Божидар и јас, не можеме и не прифативме да потпишеме согласност. Како некој кој ја штити професијата и како личност, а и врз основа на моите тогашни функции, јас тоа не можам да го прифатам, исто така и мојот колега. Тогаш доаѓа до договор ние да ја проектираме фасадата која ќе биде во духот на првонаградениот труд. На крајот колегите од бирото ЗАП тоа го прифатија со тоа што тие ја разработуваат функцијата и корпусот на објектот. Габаритот на објектот е проширен кон внатрешниот двор, а објектот во дворот се изоставува.
По добивање на Одобрение за градење, инвеститорот повторна бара да го менуваме нашиот авторски концепт и го менува проектот за изработка на изведбен проект. Ние повторно не сакаме да се откажеме од нашето решение и во еден момент бараме мислење од „Хилтон“. Претставниците на „Хилтон“ го поддржаа концептот на нашиот проект за фасадата за разлика од другото понудено решение, чиј автор никогаш не дознавме кој е.
Проблемот беше околу цената на фасадата, инвеститорот тврдеше дека нашата фасада е поскапа од предвиденото со буџетот. На тој начин сакаа да не одоброволат да изработиме друга фасада, но не беа во можност да го документираат својот став. На крај може да се каже дека успеавме да го одбраниме концептот на проектот и материјализацијата која ја замисливме.

izvedeno stanje 6

хотел „Хилтон“ – Белград

Фасадата има одредена динамика со своите елементи?

Нашата желба беше објектот да биде архитектонски, што подразбира вклопување во простор, структура и материјализација. Тоа е она што ја прави архитектурата. Изразениот конструктивен растер претставува одредено транзитирање на архитектурата на објектите од шеесеттите години од околниот контекст. Ние некои елементи пренесовме на овој објект. Тој сегмент додатно е расчленет со минуциозна пластика и се наоѓа на споевите со постоечките згради на улиците „Крал Милан“ и „Крал Милутин“. Останатите сегменти од едната и од другата страна на улицата означени се со поголеми рамки на фасадата кои се поврзуваат со транземи со трапезна форма. На овој начин основните сегменти на фасадата со материјал и ритам се спојуваат без буквална поделба. На аголот е поставен стаклен, остар кубус. За жал, тој аголен мотив требаше да се издигне до врвот на зградата, но во тек на изградбата тој последен дел на катот не е застаклен. Кога ќе нè прашаат, дали сме на крај задоволни, ние обично велиме околу 90 %, токму поради тој недовршен аголен мотив. Мошне сме задоволни од изведбата и од тоа што во сите останати делови е почитуван проектот и материјализацијата за која се залагавме.

izvedeno stanje 3

хотел „Хилтон“ – Белград

Идејата на аголот постои, каде се разликува фасадата? Што можете да ни кажете за тоа?

Ние на аголот имавме три столба, а уште од самиот конкурс сметавме дека тука треба да се направи нешто. Во новото решение тој проблем е решен така што конструктивецот трите столба ги сведе на еден столб со неправилна форма. Столбот е направен од бетон и обложен е со метал. Сепак можеше да биде потесен за некои 10-15 % и со самото тоа поелегантен, а здебелувањето е направено при изведбата, без статичка потреба. Понекогаш не успевам да им објаснам на колегите архитекти дека е важно да се најде мерката, дека некогаш 10 сантиметри се битни, а некогаш два метри не се битни, сè во зависност од положбата и карактерот на тој елемент од објектот. Во архитектурата суштината е да се најде мерката, како и да се најдат материјали кои одговараат. Кога на некое лице ќе ја промените веѓата за некој милиметар тоа го менува лицето, истото важи и во архитектурата кога ќе се смени нешто, тоа го менува карактерот на објектот.

izvedeno stanje 5 Kralja Milana

фасада на улицата „Крал Милан“

Каков беше односот на инвеститорот и струката?

Нивната желба беше архитектите со кои веќе соработуваат да ја проектираат фасадата, па така го бранеа проектот на сменетата фасада. На крајот, на градилиштето, во завршна фаза на изградбата инвеститорот ни кажа дека сме биле во право и дека нашето решение за изгледот на објектот е одлично. Тоа претставува сатисфакција за сè она на што инсистиравме и направивме.

izvedeno stanje 7 Kralja Milutina

фасада на улица „Крал Милутин“

Во исто време е работена реконструкцијата на „Славија“, кое е вашето мислење за тоа?

Да се реконструира еден таков плоштад на делчиња, без целосно согледување не е добро. Исто така не е добро и да се уреди еден таков сообраќаен јазол без подземни премини. Според мене зградата на банката не требаше да биде на тоа место, тоа се аутистични куќи, некомуникативни со околината. На толку прометен плоштад кој нема значајна содржина од јавна намена зошто му е потребен празен простор за пјацета? Фонтаната можеше да биде на таа пјацета со што можеби би станала мотив за собирање. Покрај тоа една од можностите е и да се креира некој скулптурален ансамбл кој би привлекувал посетители и минувачи. Иднината на просторот „Славија“ е да се изградат објекти на слободните простори лево и десно од улица „Белградска“. Објекти кои содржајно, особено во партерот ќе ја направат„ Славија“, освен сообраќаен јазол и целна точка за собирање.

A.01.7 PRIZEMLJE

Основа на приземје

A.01.12 NIVO +5

Основа на кат

A.01.17 PRESEK S1

Пресек

e02

Фоаје

153087667

Кафе бар

hilton_skylounge

Sky lounge

130576497

Испрати коментар

Scroll To Top