Карпошани во петок, 4-ти мај во 15 часот, најавуваат протест пред Уставниот суд на Република Македонија со пораката „Кого штитат и за кого работат уставните судии?“.
Барањата на активистите од иницијативата „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“ се Уставниот суд да ги стави на дневен ред четирите оспорени детални урбанистички планови од Општина Карпош, кои до Судот се доставени во септември и октомври 2017 година.
Граѓаните се револтирани поради тоа што додека предметите чекаат на одлука од Уставниот суд, објектите предвидени во спорните детални урбанистички планови интензивно се градат.
„Она што како граѓани можеме да направиме е да го кажеме јавно нашето несогласување со ваквото крајно арогантно и криминално однесување на судиите и да побараме сите предмети веднаш да бидат ставени како точка на дневен ред на следната седница. Од Владата бараме во најбрз можен рок да спроведе соодветни измени на законите каде уставните судии нема повеќе да се недопирливите, каде нивната работа ќе подлежи на контрола, со јасни казнени одредби, каде ќе има рокови во кои ќе мора да одлучат по примените предмети, каде судијата може да биде разрешен“, стои во повикот за протест.
Покрај протестот, граѓаните иницираа и онлајн петиција која досега има преку 600 потписи.
„Баравме парк наместо згради, ама немало законска можност – сами ја најдовме, поднесувајќи претставки за 4 ДУПа на територија на Карпош. Се работи за огромен станбен комплекс по течението на реката Вардар, одземајќи го единственото струење на свеж воздух кое преостана на неколку илјади жители во Карпош. Се работи за преостанати зелени паркчиња во Влае и Карпош 3, нов трговски центар во близина на Сити Мол, се работи за комплексот НАСТЕЛ во Тафталиџе и други 20 згради – да докажеме дека се спорни, дека некои носеле одлуки во името на граѓаните, а на нивна штета“, стои во петицијата.