Премиерот Никола Груевски придружуван од министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгивски денеска се запозна со текот на градежните активности за новиот автопат во делот помеѓу Демир Капија и Гевгелија. Оцени дека активностите се одвиваат според утврдената динамика и изградбата на новата автопатска делница на Коридорот 10 ќе заврши за две години.
– Градежните работи за изградба на автопатската делница Демир Капија-Смоквица во должина од 28 километри се одвиваат одлично, според утврдената динамика. Досега се пробиени 95 проценти од трасата, значаен дел е веќе тампониран, а мал дел веќе и се асфалтира. Почнува работењето и на мостовите, со што околу една третина од работите се веќе извршени, – изјави Груевски посочувајќи дека досега се инвестирани 46 милиони евра.
Со активностите, како што рече, се продолжува, наскоро почнува градбата на мостовите, каде што се и поголемите трошоци, така што сега повеќе ќе се оди на трошковниот дел. – Можам да кажам дека досега нема никакво доцнење и работите се одвиваат во согласност со зацртаниот план и автопатот се гради според зацртаната динамика, – наведе Груевски.
Во разговорите со ангажираните работници на терен од изведувачот на градежните работи, грчката компанија „Актор“, се информирал дека не се соочуваат со некои непредвидени проблеми од поголем карактер.
– Нема доцнења и задоволни сме од тоа како тече работата, а можам да кажам дека и ние како Влада сме задоволни, бидејќи работите досега одат според планираното и автопатот треба да биде завршен до 2016 година, – изјави Груевски.