Проектиран од страна на архитектот Keisuke Maeda, објектот се простира на каскаден планински рид, со текот на времето развиен во резиденцијална населба. Ситуирањето на објектот во однос на опркужувањето дефинира нови архитектонски услови во средината, каде визурите се отворени кон север и нивото на приземјето се наоѓа на еден метар над нивото на колската улица.
Неминовно, релацијата се создава тогаш кога природното опкружување и архитектурата се способни да коегзистираат истовремено. Така, архитектурата станува составен дел од пејзажот на единственото опкружување, меѓутоа во овој случај, не само од аспект на поврзаноста преку отворите во ѕидовите на објектот.
Проектантите на објектот доаѓаат до создавање на една „жива“ форма која го асимилира екстериерот како површина на теренот на терасата, како опкружување на оградите и ѕидовите на соседните дворови и куќи, резиденции кои се простираат долж ридот, како и оние во далечината. Архитектонскиот принцип не претставува дивизија на земјиштето преку поставување на препрека – ѕид, туку ентериер кој претставува екстензија на екстериерот и конекција со површината.
Волуменот е обликуван преку шест различни нивоа/ површини вклучувајќи и една кружна површина, создадена преку ископување на површината, додека сите заедно се поврзани преку бетонско цилиндрично јадро поставено во центарот на објектот. Потоа, деликатните, динамично мултиплицирани витки столбови кои ги придржуваат т.н. делумно лебдечките платформи дефинираат варијабилни еднособни простори со различни содржини.
… Природата и архитектурата креираат екстензивна релација заедно креирајќи варијации на површини. Територијата е недефинирана во просторот од аспект на човековите перцепции, така што единствената природна конекција/ релација произлегува од постоењето на архитектура која битува во пејзажната слика…