Уште еден чекор кон примената на 3D печатењето во градежништвото е придонесот на компаниите Arup и CLS Architetti кои соработуваат на проектот за изведба на првата 3D печатена бетонска куќа во ЕУ. Проектот „3D Housing 05“ е замислен со цел да ја покаже ефикасноста на најсовремените технологии. Прототипот на куќата се гради на централниот плоштад во Милано (Piazza Cesare Beccaria), а официјално ќе биде претставен на овогодишниот меѓународен саем за мебел „Salone Del Mobile“ во текот на овој месец. Во проектот исто така се вклучени и италијанските добавувачи на цемент Italcementi и Cybe Construction.
Како и кај секог друг 3D печатен архитектонски проект, и овде основниот процес на изградба подразбира исфрлање на цементна мешавина во слоеви, преку соодветни млазници. Но, „3D Housing 05“ користи роботски манипулатор наместо типичен статички печатач, кој се монтира на подвижна основа со цел да се зголеми флексибилноста. Кога машината ќе ја заврши својата работа, на сцена стапуваат луѓето кои го комплетираат објектот – покрив, прозорци, врати и сл. Претставникот на компанијата Arup вели дека се надева на автоматизација и на овој дел од процесот во иднина.
Проектот „3D Housing 05“ изгледа многу посложено од претходните 3D печатени куќи кои досега сме мимале прилика да ги видиме. Опфаќа површина од 100 квадратни метри распоредени на едно ниво, а се состои од дневна соба, спална, кујна и бања. Исто така, куќата е проектирана така што е овозможено лесно расклопување, па по завршувањето на саемот во Милано ќе може да биде инсталирана на друго место.
Од компанијата Arup велат дека трошоците за проектот ќе бидат значително пониски од куќите од сличен тип изградени со традиционални методи, а дека процесот на печатење трае само 48 часа. „Градежната индустрија е еден од најголемите светски корисници на ресурси кои содржат и емитуваат CO2“, вели Guglielmo Carra, водечки консултант за материјали во Arup. „Сакаме да ја промениме парадигмата во начинот на изградба, и веруваме дека технологијата на 3D печатењето е од пресудно значење за изградба на одржливи и ефикасни згради, бидејќи создава помалку отпад во фазата на градење, а материјалите можат повторно да се користат“ велат од Arup.