Архитектурата не е обликување, не е само слика во примитивни општества најчесто грда, архитектурата е наука.
Архитектурата пред се треба да има функција и да служи на намената. Ако тоа не го исполнува тогаш претставува волумен во голем формат во нашиов случај поставен на погрешно место во погрешно време и опасен по безбедноста на градот, а многу скап. Е сега да, фрлени се народни пари. Но сите големи дела низ историјата на архитектурата се правени на сметка на народот. Тоа и не е страшно кога ќе се добие квалитетен капитален објект како што е музеј, театар, архив, а во најголем број случаи инвеститор е државата која кај нас во ниту еден сегмент не успеа да дојде до професионален, квалитетен конечен архитектонски производ. Кај нас останатите инвестиции се приватни, главно станбени згради во лудило од урбанизам каде профитот е секогаш пред јавниот интерес, а просторот е роба за продавање наместо ресурс. А крајниот производ е „ексклузивни“ станови без поглед, без доволно квадрати за понудениот простор, без паркирање, без соответна инфраструктура и без и најосновен јавен простор во околината, најчесто купени на кредит, кој вработен во државна администрација најлесно го добива и најлесно станува роб на оние на власт. Накратко ова ни е состојбата, архитектура фрлена на маргините на општеството, понижена, изолирана, без доволно сила да се врати на местото кое и припаѓа. Да не се залажуваме, само треба да погледнеме каде се наоѓа нашата архитектура во меѓународните релации. Премногу сме површни кога е во прашање животниот простор и после кој знае кој ни е крив што стануваме лоши и што живееме во фрустрирано опкружување.
Зградата на Државниот архив која е дел од контраверзниот проект „Скопје 2014“ не служи на својата намена, не е функционална и згора на се поставена на локација во корито на река каде е забрането да се гради. И покрај сите апели предходната власт направи што направи. Е сега, пак народот ќе треба да ги плати грешките и скапо платениот, евтин и примитивен кич. И навикнат е народот да плаќа. Овој пат ќе треба да плати по трет пат, да се надеваме последен (бар за овој објект). Покрај постоечки објект проектиран соодветно и наменет за Државен архив, Владата одлучила да прави трет објект со оваа намена, а замислете во меѓувреме ќе ги санира штетите на објектот во коритото на Вардар (кои недостатоци и проблеми повторно ќе се појават). Тој објект е неодржлив, таму не му е местото, непопулоарно и лошо звучи, но треба да се сруши. Третиов архив ќе се градел бидејќи стариот архив веќе бил пренаменете за јавно обвинителство. Дејност која по својата функција и намена многу поедноставно може да се смести во простор кој полесно се адаптира, а се со цел бидејќи сите се загрижени за парите на народот да се остави можност архивот да се врати во првиот објект. Да, тешко е, комплицирано е, но никогаш и не било лесно.