Во Музејот на современа уметност во Скопје на 13 март 2018 во 19 часот ќе се отвори изложба „PRE/FABRIC“. Изложбата е проект на Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек
Фотографии: Горан Димов; Видео обработка: Ана Хојс; Превод: Милица Ѓорчевска
Изложбата „PRE/FABRIC“ е инспирирана од скопските населби со монтажни куќи, изградени после катастрофалниот земјотрес.
На 26 јули 1963 г., во екот на Студената војна, катастрофален земјотрес уништи голем дел од градот Скопје. Оваа природна катастрофа поттикна бран од меѓународна солидарност и доведе до појава на заеднички хуманитарен проект кој обедини светови со крајно спротивни идеологии. Пристигнатата итна помош од Истокот и Западот, како и понатамошната реконструкција на градот, беа насочени кон создавање општествен утописки модел на место засновано на активна солидарност, т.н. „отворен град“, се вели во најавата.
Архитектурниот увоз на монтажни куќи, кои денес во Скопје сѐ уште се нарекуваат „бараките“, трајно го обликуваше ликот на градот. Иако се во употреба повеќе од 50 години и претрпеле повеќекратни проширувања и трансформации, основната структура на населбите и елементите на архитектурата од Финска, Мексико или САД се забележливи и ден-денес. Растечките монтажни куќи на Скопје ја создадоа густата текстура на градот.
„PRE/FABRIC“ трага по приказните на куќите во ова малку истражувано поглавје од историјата на главниот град на Македонија. Проектот ја разгледува историјата на градбите на шест куќи и искуството на домаќините од животот во нив. Преку начинот на кој ги користеле објектите низ годините и оптимално ја приспособиле нивната структура заради задоволување на личните потреби, жителите на реконструираниот град се тие кои ја преиспитуваат оптимистичната верба на модернизмот во индустриското производство и можностите за префабрикување. Документирањето и анализата на домашниот пејзаж, кој се развивал преку интервенирање, приспособување и проширување, овозможува конкретно разгледување на овие сомнежи и нивна тематизација.
Изложбата ќе ја отвори министерот за култура Роберт Алаѓозовски, а воведен говор ќе одржат професорката Елке Красни (Elke Krasny) од Австрија и архитектката Даница Павловска.