Компанијата Steven Holl Architects, во соработка со уметничката група Kamen, е победник на меѓународниот натпревар за проектирање на станбениот кварт во Москва во Тушино квартот. Во конкуренција биле познати архитектонски компании меѓу кои: Fuksas Architecture, Zaha Hadid Architects, Mad Global и Tsimalo, Lyashenko & Partners. Со проектот ќе се добие нов центар за мешовита намена на некогашниот падобрански полигон, во рамките на кој ќе се наоѓаат станбени објекти, јавен простор, градинка и основно училиште. Steven Holl Architects има предложено нова типологија на зградите – Parachute Hybrids која комбинира панелна конструкција со дополнителни „обесени“ делови во горните сегменти, асоцијација на падобрани кои висат во воздухот.
Големите кружни отвори во фасадите, на кулите им даваат дефиниран геометриски карактер и изразуваат позитивно опкружување. Главниот проект е осмислен, така што го обликува јавниот простор при максимална изложеност на сонце. Објектите се поставени и ориентирани така што зафаќаат голема јавна градина и игралиште. Вака заобиколениот простор потсетува на поранешната намена на локацијата – училиште за пилоти и падобранци, а тука бил сместен и Централниот Аеро Клуб на поранешниот Советски Сојуз. Во 2000 година, градските власти предложиле трансформација на овој ненаселен простор во урбан центар со 200.000m² површина за домување, комерцијален, деловен простор, забава и спорт.
„Тушино може да биде важен урбан модел за живот во густо населените делови во 21-виот век, кој го обликува јавниот отворен простор“. вели Steven Holl. „Новиот тип на градба кој овде го предлагаме, инспириран е од историјата на локацијата која ова место го прави единствено“, додава тој. Групата Vi Holding ја нагласува важноста на удобното животно опкружување, кое вклучува богата инфраструктура и простори за едукација. Новата градинка и училиштето се проектирани да бидат самостојни во архитектонски различни згради, кои се карактеризираат со природно осветлување и зелен простор. Станбениот комплекс, исто така ќе има и содржини како спа центар, базен, кафулиња и сл. Во рамките на дистриктот Тушино, ќе се наоѓаат различни типови на станбени објекти за луѓе со различен социјален статус. Steven Holl Architects е посветен на долгорочнен и одржлив дизајн за секој проект. Проектот за станбениот комплекс во Тушино го карактеризираат зелени покриви, соларни перголи, дневна светлина, употреба на дождовницата, и геотермално греење и ладење. Становите ќе бидат заградени со фасада од тенко стакло кое во зима ќе помогне за изолација на зградата, а во лето ќе се создадат отворени тераси за секој стан. Низ локацијата ќе минуваат еко коридори. Првата фаза од проектната документација треба да биде готова до 15-ти март 2018.