Како екстензија на истонаменскиот музеј “Osulloc”, “Tea Stone” е дизајниран како едноставен кутиест волумен, распослан на брдовита топографија долж брегот на островот Јеџу, директно поврзан со постоечката структура, со цел да ги опслужува нејзините помошни функции.
Отворените визури кон објектот во само еден пристапен сегмент, ги инспирира посетителите заинтригирано да ја следат трасата низ шумското зеленило и да го доживеат остатокот од архитектонскиот пејзаж.
Полираната црна бетонска маса се одликува со сјајна површина на која се рефлектираат небото и природното пространство, овозможувајќи симултано да се воспримат тежината и леснотијата на структурата.
Преку задниот излез на музејот се пристапува кон подрумските простории, мрачна средина каде посетителите би можеле да ја искусат, како и да научат за процесот на ферментација. Оттаму, тесно скалиште води кон изложбената галерија на првото ниво, која има улога на фронтална просторија за предавалната. Оваа партиција чија целосно застаклена фасадна обвивка ги отвора визурите кон природата, има можност за опслужување на разни работилници и предавања.
Долж бетонската конструкција, по единствена траса е напластено дрвено скеле, изведено во назабена формација која преминува преку кровната покривка. Од надворешноста, работ на стаклената фасадна обвивка е оивичен со плиток „црн“ базен кој истовремено ги осликува објектот и околината.