Советот на град Скопје усвои одлука за задолжување во висина од пет милиони евра за изградба на планираната подземна сообраќајница на потегот од мостот „Гоце Делчев“ до булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“.
Градот ќе се задолжи преку издавање на обврзници на домашниот пазар, за што веќе е добиена согласност од Министерството за финансии. Идентична одлука за задолжување беше донесена и на крајот од јули 2013 година „при што тогашната вредност на задолжувањето изнесуваше 4,8 милиони евра.
Градските власти објаснуваат дека со овој чин е обновена ваквата одлука на советот, бидејќи претходниот тендер беше поништен. Оттаму посочуваат дека со актуелниот тендер е неопходно и да се донесе нова одлука за задолжување.
Во меѓувреме, тече рокот за доставување понуди од заинтересираните компании во однос на изградбата на овој инфраструктурен проект. Крајниот рок за доставување истекува на 20 февруари, а од Градот Скопје засега не соопштуваат колку компании досега се интересирале за подигнување на тендерската документација. Сообраќајницата ќе биде долга 1.300 метри, од коишто 900 метри е предвидено да бидат под земја, и тоа под плоштадот „Македонија“ и кејот „13 Ноември“.