Министрите за животна средина и енергетика во Европската унија се договорија нивните земји да постигнат барем 27% удел на обновливи извори на енергија до 2030 година. Ова е ставот од кој Советот на ЕУ ќе преговара следната недела со Европскиот парламент, кој постави доста поамбициозна цел од 35%. ЕУ во моментов е посветена до 2020 година зелената енергија да биде најмалку 20%.
Иницијативата од 35 отсто беше во октомври, а на почетокот на декември беше поддржана од голема група технолошки, индустриски и енергетски компании.
Други од договорените мерки на Советот на ЕУ, се сет на правила за внатрешни енергетски пазари, вклучувајќи и инсталација на т.н. паметни електрични мерачи или изградба на објекти за складирање на енергија.
Министрите се договорија и за обемот обновливи горива во транспортот и за ограничување до 7% на уделот на биогоривата, поради кои фармерите заземаат земјоделско земјиште, кое инаку би отишло за производство на храна. До 2030 година, обновливите горива треба да достигнат 14% удел во транспортот во секоја земја. За корисниците на електрични возила и на железници со електрични локомотиви, ќе има бонуси.
Но, Европската комисија ја критикува одлуката на министрите за финансиско стимулирање на железничкиот транспорт, бидејќи значителен дел од европската железничка мрежа е веќе електрифицирана. Комесарот за климатски промени на состанокот во понеделникот рече дека „нивото на амбиција очигледно не е доволно“. Според него, ЕУ може да достигне квота од 30% со исти трошоци како и договорените 27%.
„Поевтинувањето на обновливите извори на енергија е импресивно – дали во случај на соларна енергија или фарми со ветерници“, рече тој на прес-конференцијата по состанокот.
Во одлуката од самитот се вели дека 28-те земји членки одредуваат поедноставени постапки за создавање на мали инсталации, како и за правата и обврските на домаќинствата и компаниите кои ги задоволуваат своите енергетски потреби од обновливи извори.
„Подготвената директива ќе им олесни на потрошувачите да преземат иницијатива и да станат производители“, рече естонскиот министер за економија, Кади Симпсон.
Во однос на греењето / ладењето на зградите, секоја земја ќе мора да донесе мерки за да постигне 1% годишно зголемување на учеството на обновливите извори на енергија во овој сектор. Причината ова прашање да биде оставено во рацете на националните влади е дека во одделните земји историски се изградени различни системи, како и дека во Северна Европа станува збор претежно за греење, а во Јужна Европа – инсталации за ладење.
Следната година, Европскиот парламент и Советот на ЕУ ќе мора да се согласат со компромис кој ќе биде обликуван како законодавна одлука.
Парискиот договор за климата остави одделни земји во светот сами да утврдат реални цели во обидот да се намали глобалното затоплување до не повеќе од 2 степени на крајот на векот. ЕУ ја постави амбициозната цел до 2030 година за намалување на стакленичките гасови за најмалку 40% во споредба со нивото од 1990 година.