Реконструкција и доградба на објекти кои се наоѓаат во близина на плоштадот ВМРО и на плоштадот Мајка Тереза се измените предвидени со Програмата за реконструкција и доградба на објекти во централното градско подрачје, а за кои ќе се разговара на седницата следната недела. Од Градот Скопје образложуваат дека објектите се со оштетени фасади, а на некои од нив е потребна и санација на конструктивниот систем.
Оваа програма предвидува финансиски импликации кои се обезбедени за таа намена во буџетот на град Скопје и средства од капитални трансфери од Министерството за култура, стои во образложението од Град Скопје.
Засега не е познато во кој архитектонски стил ќе се реконструираат фасадите.
Во буџетот за Град Скопје за 2014 година за реконструкција на фасади на објекти се предвидени близу 2,3 милиони евра. Реконструкцијата на фасадите на зградите во централното градско подрачје ќе продолжи и во следните две години. За таа намена во 2015 година се предвидени нешто помалку од 2,3 милиони евра, а во 2016 година 2,1 милиони евра.