Скопје – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и претставникот на Европската инвестициска банка Петер Зајц денеска потпишаа Договор за заем за финансирање на проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“ вреден 50 милиони евра.
Проектот е дел од политиката на Владата за рамномерен регионален развој. Целта е преку инвестиции во комуналната инфраструктура да се стимулира развојот на општините.
Условите за заемот се рок на отплата 25 години, пет години грејс период и 1,3 отсто камата.
– Средствата се обезбедени под исклучително поволна каматна стапка од ЕУРИБОР плус варијабилен распон од 0,17 отсто. Доколку сега се повлече транша таа би била под камата од 1,27 проценти годишно. Заемот ќе се повлекува во најмногу 20 транши, а минималниот износ на една транша е два милиона евра.
Проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“ ќе го имплементира Министерството за транспорт и врски. Висината на средствата што ќе ги добијат единиците на локалната самоуправа зависи од бројот на населението, површината на општината и бројот на населените места.