Прилеп е еден од ретките градови каде успешно се применува примарната селекција на отпадот, а се подготвува и за изградба на хала за секундарна селекција.
Ова беше истакнато на денешната прес-конференција на јавното комунално претпријатие „Комуналец“ на која раководството на претпријатието направи пресек на сите активности. Локалната самоуправа и претпријатието изработија проект за секундарна селекција на отпадот со изградба на хала, а инвестицијата е околу 15 милиони денари.
– Се чека само градежната дозвола. Линијата за секундарна селекција во вредност од 12 милиони денари е набавена од фирмата „Техникс“ од Хрватска. Таа ќе овозможи да се реселектира отпадот кој со години се носел на депонијата кај селото Алинци. Тоа ќе придонесе депонијата да се затвори и да имаме почиста животна средина, беше потенцирано на конференцијата.
Во тек е постапка и со одлука на Управниот одбор на „Комуналец“ ќе се купи приватно земјиште за изградба на компостара со сопствени средства. Со ова биоразградливиот отпад ќе се преработува во компост кој е применлив во земјоделството и овоштарството.
До 2015 година дури 70 отсто од отпадот во Прилеп ќе се рециклира. Годишно во градот се депонираат 30.000 тони отпад.
Во ЈКП „Комуналец“ во моментов се изработува и проект за санитарна депонија од помал обем за остатоткот од нерециклираниот отпад. Ваквата депонија ќе се реализира само доколку се случи навреме да не профункционира регионална депонија.