Управата за заштита на културното наследство по трет пат го претставува домашното културно наследство на Меѓународниот саем за културно наследство, кој ќе се отвори денес (2 ноември) и ќе трае до 5 ноември во престижниот амбиент на музејот Лувр во Париз. Темата на годинешното издание на еден од најзначајните саеми од ваков вид што се реализира по 23-ти пат ќе биде „Културното наследство и туризмот“.
На македонскиот штанд ќе бидат изложени публикации од познати археолошки локалитети, цркви и џамии во издание на Управата, а ќе има и кратка видеопрезентација за домашното културно богатство. Станува збор за научно-популарните публикации од проектот „Најзначајните вредности од областа на културното и природното наследство на Р. Македонија“, во чии рамки беа публикувани 30 публикации, меѓу кои и за Скупи, Скопско Кале, Стибера, Хераклеја Линкестис, Манастирот Трескавец, Св. Пантелејмон во Нерези, Манастир Зрзе, Шарената џамија во Тетово и други.
Покрај изложбениот дел, ораганизаторите најавуваат работилници и конференции, во чиj фокус ќе биде искористувањето на потенцијалот на културното наследство за културна промоција на земјите – излагачи.
На 23. Меѓународниот саем за културно наследство што сите изминати години се одржува во Париз, на листата земји – учеснички се Германија, Белгија, Кина, Португалија, Италија, Грција, Швајцарија, Холандија и други земји.