Дизајниран од украинското архитектонско студио Archiplastica, апартманот SDY зазема површина од 35 м² и е сместен во стара социјалистичка зграда во градот Киев.
Грубата сепарација на просторот и малата висина од 2,5 метри ги инспирирала архитектите да се ослободат од постоечките партиции, создавајќи единствена целина освежена со дрвени елементи, артистички принтови на ѕидовите и примена на бела и жолта боја при ентериерното уредување.
Специфичен сегмент во организацијата на просторот претставува дрвениот кубус кој ги опслужува бањата и оставата, а истовремено функционира и како потпора за телевизорот, затскривајќи ги во себе сите инсталации. Позициониран во средината на просторот, тој претставува визуелен центар соединувајќи ги сите функционални содржини во една динамична и живописна артистичка средина.