Фестивалот ќе се одржи на 1 и 2 септември на повеќе локации во Битола, а во фокусот на ова издание ќе биде иницијативата за ревитализација на Офицерскиот дом како еден од најзначајните културно-историски белези на градот, кој, за жал, со години не добива соодветен третман од страна на надлежните институции поради што се наоѓа во сосем руинирана состојба, некорисен и затворен за граѓаните.
Токму со цел да се алармира за потребата од комплетна ревитализација на Офицерскиот дом, централен настан на фестивалот АКТО оваа година ќе биде јавната дискусија на тема „Каков офицерски дом ни треба“, на која ќе присуствува министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, како и претставници од Собранието, локалната самоуправа и граѓани што активно се залагаат за спас на овој културен споменик на градот. Дебатата ќе се одржи на 2 септември со почеток во 12 часот во дворот на Офицерскиот дом во Битола.
Фестивалот АКТО како и досега ќе понуди богата и разновидна програма од изложби, работилници, перформанси, дискусии, концерти и диџеј-настапи, кои ќе се одржат во текот на претстојниот викенд.