Насловна / Вести / Општина Центар по 50 години ја реконструира улицата „Бигла“ на Водно

Општина Центар по 50 години ја реконструира улицата „Бигла“ на Водно

По речиси 50 години, жителите на улицата „Бигла“ на Водно нема да живеат во кал и прашина, информираат од Општина Центар. Општината ја започнува реконструкцијата на улицата која на места немаше асфалт, а беше полна со ударни дупки кои претставуваа опасност за движење на граѓаните и возилата.

„Каблите на операторите висеа на улицата и им пречеа на жителите. Тие пред една година имаа средба со градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, и со неговите соработници. Тогаш беа изненадени од посетата бидејќи рекоа дека 37 години никој не дошол да ги види и да праша како живеат. Вистински куриозитет претставува фактот дека последен пат улицата била уредена при посетата на Тито.timthumb.php

На средбата беше договорено да се асфалтира улицата и тоа ќе беше завршено за два месеци, но подоцна се направи дополнителен договор со граѓаните да се постави и нова водоводна мрежа.

Улицата „Бигла“, која се наоѓа спроти Клиничкиот центар, ќе добие нов водовод, асфалтиран коловоз со површина од 520 м, реконструирано осветлување, а каблите на операторите ќе бидат спуштени под земја. Со ова, повеќедеценискиот проблем на жителите на „Бигла“ ќе биде надминат.

Ова е деветта улица на Водно, која што актуелното општинско раководство ја реконструира. Завршена е обновата на првиот дел од „Питу Гули“, а во тек е реконструкцијата на вториот дел, која опфаќа нова атмосферска и водоводна мрежа и нови тротоари и коловоз.

На улицата „Тасино Чешмиче“ беше поставен асфалт, на „Новопроектирана 4“ асфалт и атмосферска канализација, на улицата „Партениј Зографски“ асфалтиран коловоз и тротоари, а оштетената улица „Ѓорги Скрижевски“ доби нов коловоз. На улицата „Христо Чернопеев“ сега жителите се задоволни бидејќи има нова водоводна и атмосферска мрежа, асфалтирана улица и тротоари и потпорни ѕидови. Улицата „Загребска“ доби нов асфалт и тротоари и на падините на Водно пробиена е улицата „Новопроектирана 2“, известија од Општина Центар.

Испрати коментар

Scroll To Top