Во 2016 година е забележан апсолутен рекорд на бројката на автомобили регистрирани во нашата земја, односно 190,6 патнички возила на 1000 жители, што е за 2,8% повеќе во споредба со претходната година. Ова се податоци кои минатата седмица ги објави Државниот завод за статистика во годишниот извештај „Одржлив развој 2017“, каде се посочува дека користењето на автомобили од македонските граѓани континуирано расте. Во 2016 година е достигнат рекорд во однос на изминатите 15 години. Уште попразителен е фактот дека напоредно со зголемувањето на автомобилите се намалува користењето на јавниот превоз, а како најголем губитник од ваквиот развој се посочува железничкиот сообраќај.
Автомобилите лани учествувале со речиси 80% од вкупниот патнички копнен сообраќај пресметан во изминати километри. Зголемената употреба на автомобилите, кои најчесто се увезуваат на старо од поразвиените земји, е главен причинител за зголемување на загадувањето на животната средина, а особено за загадувањето на воздухот во македонските градови. Извештајот е достапен на следниот линк: http://www.stat.gov.mk/Publikacii/OdrzlivRazvoj2017.pdf