Во близина на тетовското село Требош, на три километри од градот Тетово, денес беше отворена претоварната станица за смет. Во оваа станица ќе се претовара отпадот кој ќе биде собран секојдневно од домаќинствата, а потоа тој ќе се носи во контејнери во скопската депонија „Дрисла“.
Градоначалничката на Тетово Теута Арифи, која приуствуваше на настанот, истакна дека ова е само почеток на решавање на проблемот со сметот. За конечно решение на овој децениски проблем, според неа, треба да се изгради станицата за рециклирање на сметот и да се уреди регионалната депонија „Русино“, проекти на кои работи општината во соработка со странски организации.
Таа, исто така, изјави дека локацијата каде досега се претовараше сметот на самиот влез од Тетово ќе биде исчистена за многу кратко време и целото место ќе биде третирано со соодветни хемиски препарати.