Насловна / Архитектура / Од Хотел-Бордел до Банка

Од Хотел-Бордел до Банка

hotel-bordel.jpgИсторијата на поранешниот
хотел „Српски Краљ“, кој е
еден од доминантните објекти
во центарот на Струмица, започнува
пред 85 години, кога неговиот
основач, војводата Илија Кацарски од
село Босилово-Струмичко во 1925
год. го купил местото од Егејката
Луна Јакуслова за 70.000 динари, со
намера да гради дуќани.

Но, наместо
дуќани, со поддршка на неговиот
пријател Жико Лазиќ кој во тоа
време бил влијателен човек, почнува
да гради објект од тврда градба со
подрум, приземје, кат и поткровни
простории. За кратко време објектот
бил изграден и функционирал
како кафеана во приземниот дел
и хотел-бордел на двата ката.
Записите од сеќавањата на неговата
ќерка Слоботка Кацарова, кажуваат
дека таков грандиозен објект бил
невиден дотогаш во Струмица.
Неговите две улични фасади
биле декорирани со релјефни
сегменти од ренесанса и барок, а
испакнатиот аголен дел со куполата
бил знак на препознатливост
на овој раскошен објект, кој го
добил името „Српски Краљ“.

 

hotel_bordel_1.jpgЕнтериерот во кафеаната изобилувал
со луксуз. Во средината на просторот
висел голем кристален лустер, а
ѕидовите ги краселе кристални
ѕидни ламби. На прозорците имало
пердиња со кадифени црвени
драперии. Црвените патеки на
подот и скалите биле подарок
за отворањето на објектот од
Жико Лазиќ. Посетителите на оваа
кафеана, угледни луѓе, трговци и
офицери, се забавувале уживајќи
во звуците на комплетен оркестар.
Лете, на тротоарот пред објектот,
се поставувале дрвени маси и
столови, каде гостите се ладеле
од жешкото струмичко сонце под
чадорите. Слоботка се сеќава дека
собите на катот и во поткровјето
биле исто така луксузно опремени,
со ѕидани мијалници во сите соби
и со заеднички санитарии, што
во тоа време било реткост.

 

Објектот убаво работел се до 1928 година, кога сопственикот Илија западнал во долгови и морал да го продаде. Во тапијата од 30.10.1928 год. пишува дека Илија Кацаров под терет на долгот на Селим Хашим од Струмица кој изнесувал 38 250 динари, го продава објектот на Зекрија Хаџи Алилович и Витан Танчев за 395.000 динари. Во тоа време Зекрија и Витан биле богати трговци. Зекрија располагал со погони за текстил, а Витан тргувал со жива стока со Грција. Според синот на Витан, Димитар Танчев, објектот бил прво понуден за продажба на Витан, но во меѓувреме како купувач се јавил и Зекрија, кој бил меѓу најбогатите луѓе во Струмица. Тој имал можност да го купи целиот објект, но имајќи респект кон веќе прашаната странка Витан, објектот заеднички го купиле.

Иако објектот бил на двајца газди, во тоа време имало еснафство и разбирање, така што објектот и понатаму продолжил добро да работи како кафеана и хотел. После неколку години, бидејќи газдите биле доста зафатени со нивната примарна дејност, одлучиле да го издадат под наем на некојси Коце од Велес, кој во Велес веќе држел две кафани. Коце, како искусен кафанџија го разработил објектот до таа мера што во него доаѓале само искучителни гости, а музиката била донесена од Унгарија со убави пеачи и пеачки. Речиси десет години објектот убаво работел и добро заработувал, се до моментот кога Коце ги повикал Зекрија и Витан во Велес, да ги расчистат сметките. Витан имал лошо претчувство и не отишол на договорената средба со изговор дека има два вагони јагниња кои треба да ги носи во Грција. Зекрија и Коце со уште двајца луѓе кои биле одговорни за кафаните на Коце се сретнале во Велес, во една од кафеаните на Коце.

Во текот на разговорот дошло до недоразбирање, Коце извадил пиштол и ги убил на место двајцата придружници, а потоа извршил региони самоубиство ставајќи го пиштолот во уста. Зекрија, како очевидец на целата грозоморна слика, по враќањето во Струмица разговарал со Витан и се откажал од својата половина на објектот, нудејќи му ја на Витан по многу поволна цена. Бидејќи Витан не прифатил да го откупи објектот, дел од објектот го продаваат на браќата Сократ и Симеон Манчеви.

hotel_bordel_2.jpgЗекрија после 1941 година се иселува во Скопје, а оттаму во Турција. Браќата Манчеви продолжиле да го работат објектот со истата намена, но не со толкав интензитет како порано, така што почнал да пропаѓа. Во 1948 год. објектот е национализиран и преминал на располагање на Собранието на Струмица. Една година подоцна, целиот објект е даден на користење на претпријатието НА-МА, кое го користи само приземјето, додека катовите биле издавани на станари. Тогаш подрумските простории се пополнети со земја, во приземјето е изведен нов под, и се доградени излози од двете страни на објектот.

Во шеесеттите години на 20-от век е срушена куполата заедно со поткровниот дел на аголот од објектот и е изградена тераса на која се излегувало од поткровните простории. Дваесет години подоцна во приземјето се вселило претпријатието „Југопромет“. Тогаш катот е даден под наем на станари, а во поткровјето се сместуваат ателјеа и работилници за уметници. Во мај 2001 година се изврши денационализација на објектот, со што објектот се враќа на сопствениците од кои е одземен, односно на Витан Танчев и на браќата Манчеви. Во периодот помеѓу 2000 и 2007 година, објектот е напуштен така што постепено пропаѓа оставен на забот на времето. Со договор за купопродажба на недвижен имот склучен на ден 17.01.2008 година, ПроКредит Банка го откупува објектот од сопствениците, со намера да го адаптира со нова намена во банка.

Во 2009 година согласно конзерваторското одобрение издадено од УЗЗКН при Министерството за култура на РМ, на проектот за санација, реставрација и делумна реконструкција со адаптација на објектот, отпочнаа градежните зафати и до април годинава се заврши со неговата реализација. Вратениот првобитен изглед на објектот го врати сјајот на некогашниот преубав хотел „Српски Краљ“, а сопствениците на ПроКредит Банка ги разбудија носталгичните сеќавања на струмичани, за овој прекрасен градителски бисер кој го разубавува центарот на градот.


hotel_bordel_3.jpg

Славица ТАСЕВА , дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top