Најзначајниот светски настан во „Инженерството за брани“ во текот на 2017-та година беше 85-та Годишна конференција на Меѓународната комисија за големи брани (The International Commission on Large Dams – ICOLD). Во оваа најавторитетната институција за брани во Светот, основана во 1928 година со седиште во Париз, членуваат 96 национални комитети за брани, меѓу кои и Македонскиот комитет за големи брани (MACOLD), со повеќе од 10,000 индивидуални членови. Годишниот собир се одржа во периодот од 3 до 7 јули 2017 година, во Прага, историски и архитектонски скапоцен камен на Централна Европа.
Во склоп на овогодишната манифестација на ICOLD се одржаа бројни настани: состаноци на 25 технички комитети на 4. jули/претпладне, меѓу кои и на комитетот за сеизмички аспекти при проектирање на брани (каде членува претставник на MACOLD), состаноци на регионалните комитети, меѓу кои и на Европскиот регионален клуб (Europеan Regional Club) каде припаѓа MACOLD на 4. jули/попладне, централниот научен настан – 85. меѓународен симпозиум на 5. jули, пред-конференциски, конференциски (на 6. јули) и пост-конгресни стручни екскурзии, седум работилници на техничките комитети на 7. јули и генералното собрание на ICOLD, исто така на 7. jули.
Годишната конференција се одржа во грандиозниот конференциски центар Clarion Congress Hotel, ја отвори Ladislav Satrapa (претседател на организациониот одбор и претседател на Чешкиот комитет за големи брани – CZCOLD), a успешна работа на учесниците им посакаа Anton Schleiss (претседател на ICOLD) и Marian Jurečka (министер за земјоделство) и Pavel Punčochář (директор за водостопанство во министерство за земјоделство).
Nechranice Dam
Темите на 85-тиот симпозиум, насловен „Инженерство за брани базирано на знаење“, беа следните: 1. истражување и примена на напредни материјали, технологии и решенија во инженерството за брани, 2. подобрувања во системите за оскултација на брани за зголемување на безбедноста на браните и преградниот профил, 3. неизвесности и донесување одлуки со информации за ризик во проектирање, изградба и оперирање со брани, 4. балансирање на технички, социо-економски и еколошки аспекти на инженерството за брани, 5. напредни постапки во анализи и проектирање на акумулации за одбрана од поплави, насипи и јаловишни брани, 6. неодамнешни подобрувања и модерни апликации за акумулации и управување со сливот, 7. проектирање и оперативни разгледувања на глобалните климатски промени, регионални суши и други екстремни настани, 8. проценка на стареењето на брани, разгледување за преостанатиот век на употреба и конзервирање/демонтажа и 9. хидро-електро-механичка опрема на браните.
Mšeno Dam
На годишната конференција беа регистрирани 450 апстракти од 47 земји, од кои 300 реферати беа прифатени од редакцискиот одбор составен од 78 најеминентни експерти за брани во Светот и публикувани во Зборникот посветен на меѓународниот симпозиум. Од тие реферати, само 70 беа избрани за говорна презентација на пленарните сесии, каде беше презентиран реферат од член на MACOLD. Имено, беше изложен рефератот “Contribution to the increase of the hydrological safety of tailings dams”, подготвен од авторите Љ. Петковски и С. Митовски, публикуван во Зборникот од Симпозиумот со реден број ID80, стр. 203. Воведниот дел од презентацијата на рефератот беше искористен да се афирмира македонското градителство на брани со концизен преглед на изградените големи брани во Р. Македонија.
Slapy Dam
Покрај теоретскиот дел на годишната конференција, успешно беше организиран и спроведен и практичниот дел на 6. јули, со стручна посета и разгледување на четири значајни брани: Slapy Dam, Nechranice Dam, Pařížov Dam и Mšeno Dam). Од административниот дел најзначаен настан беше Генералното собрание (General Assembly), кое се одржа на 7. јули. Сите одлуки на собранието беа донесени со тајно гласање на присутните претседатели/делегати на националните комитети за брани.
Pařížov Dam
На крајот би истакнал дека учеството на делегати од Здружението Македонски Комитет за Големи Брани (ЗМКГБ или MACOLD) на манифестациите во организација на ICOLD е од огромно значење за развојот на Инженерството за брани во Р. Македонија. Тоа претставува можност да се набават Зборниците со рефератите, активно да се учествува во техничките комитети на ICOLD, да се обезбеди континуиран трансфер на знаење од најавторитетното здружение за брани во Светот и да се запознаеме со новините за браните со придружните објекти, што претставува прв услов тие да бидат имплементирани кај нас. Ја ползувам оваа можност да се заблагодарам на Градежниот факултет во Скопје, без чија финансиска поддршка, учеството на делегат од Македонија на 85. годишната конференција за големи брани, во организација на ICOLD во Прага, ќе беше тешко изводливо.
Проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет во Скопје