Спортската сала “Борис Трајковски” е не само најмодерен, туку и единствен објект од ваков тип во земјава, поради што ќе мора дополнително да се тестира, смета Борис Змејковски, директор на друштвото што управува со овој комплекс.
– Првиот тест салата го помина успешно, со манифестацијата за отворањето, кога “Харлем Глобтротерс” ги забавуваа скопјани. Луѓето обично велат дека ако нешто не знаете, треба да го препишете, но, ние ниту сега, ниту додека траеше изградбата немавме од кого да ги преземеме искуствата. Ваков повеќенаменски спортски објект нема во целата земја. Има во соседството, но не можеме да се споредуваме со нив, затоа што градежните работи, уредувањето, опремата и се друго има различни цени во различ ните држави. Најдобро е да направиме уште неколку тестови со максимално оптоварување со луѓе, за да видиме дали ќе се појават одредени аномалии. Ако има такви случаи, уште веднаш ќе реагираме – истакнува Змејковски.
Повеќенаменската сала “Борис Трајковски” е и најкомплексниот спортски објект што некогаш се изградил во Македонија. Тој е единствен пример каде што во под еден ист покрив се сместени два терена, односно голема и мала сала. Главната има капацитет од 6.000 до 8.000 седишта за ракомет или за кошарка, а за други спортови, како бокс, таа би можела да собере и до 10.000 посетители. Помалата сала, пак, има 500 седишта и може да се користи за тренинзи и за помали натпревари. Комплексот веќе располага со опрема и со реквизити за сите спортови што ќе се играат во него, а е приспособен во него да се одржуваат и музички, културни и други манифестации. Рекордниот број од над 600 паркинг-места за автомобили и дваесетина за автобуси далеку ги надмина и Градскиот стадион, другите сали, големите хотели, рекреативните центри, културно- историските знаменитости и воопшто сите објекти во Македонија. Мултифункционалноста на објектот ја потврдуваат и другите содржини, за кои Змејковски најави дека дополнително ќе се градат, како сауната, фитнессалата, кугларницата, амбулантата и други. Во него ќе има и деловни простории во кои ќе се смести претпријатието што ќе ја управува салата, а предвидени се и два ресторана и кафулиња, како и простори за продавници.
– Се уште не можеме да ги издадеме под концесија овие простории, затоа што ќе се чека претходно Владата да донесе правилник за изнајмување. Тој нема да се однесува само за просториите, туку и за целата сала. Треба да се утврдат трошоците, односно колку ќе чини таму да се одржи еден натпревар или манифестација, колку струја, вода и други ресурси ќе се потрошат. На тој начин ќе може да се утврдат цените за издавање во целиот објект и ќе можеме успешно да стопанисува со него – додава Змејковски.
Салата почна да се гради на почетокот од 2004 година, а инвеститор беше Градот Скопје. Таа беше најавувана како еден од капиталните проекти на поранешниот градонач алник Ристо Пенов. Првичниот рок што си го поставија градските власти за завршување на изградбата беше една година, но тој беше повеќекратно пробиен поради проблемите што се појавуваа при изградбата. Уште на почетокот, додека се копаа темелите, избија подземни води и целото градилиште се поплави. Градот тогаш мораше да вложи дополнителни пари, околу еден милион евра, за да го реши тој проблем. Потоа често снемуваше пари во градскиот буџет и настануваа прекини во изградбата. Неколку пати “свечено” беше одбележ увано продолжувањето на градеж ните работи. Откако Трифун Костовски дојде на градоначалнич- ката функција и увиде дека и покрај сите напори Градот нема да може да ја доврши салата, тој почна преговори со Владата да го предаде објектот. Преговорите се водеа уште со претходниот премиер Владо Бучковски, но без успех, и конечно, во февруари минатата година, градот и Владата потпишаа договор за примопредавање. Го формираа заедничкото друштво “Борис Трајковски” кое раководи со објектот и секој доби соодветен број акции во него, според парите што ги вложил или што ќе треба да ги вложи во изградбата.
По примопредавањето, новиот управител Борис Змејковски направи неколку промени во првичниот проект за објектот да може да исполни и повисоки стандарди од предвидените. Се интервенираше во вентилацијата, така што таа сега може да издржи 10.000 луѓе без да дојде до недостиг на воздух. Исто така, се спроведе и инсталација за видеонадзор и за Интернет, се зголемија местата за медиумските екипи и се направија уште неколку измени.
Т.Г.
Објавено во број 83.