Денес и утре (5 и 6 април) во галеријата ФЛУ – Скопје (Педагошки факултет), ќе биде отворена студентската изложба „Видео уметност и уметност базирана на време“.
Изложбата за јавноста во овие два дена ќе биде отворена од 20 до 23 часот.
Наташа Неделкова, After Yu
На изложбата ќе бидат презентирани дванаесет дела (видео дела и видео инсталации) кои се резултат од проектот „Видео уметност и уметност базирана на време“.
Проектот се реализираше во текот на 2015 година, со учество на студенти од Катедрата по сликарство, а под менторство на доц. Слободанка Стевческа. Финансиски е поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Учесници на изложбата се Димитри Балојани, Воскресија Андреевска, Александра Ацеска, Јасмина Трпевска, Наташа Неделкова,Игор Стаменковиќ, Христина Мазневска, Петар Миљковиќ, Игор Таневски, Рада Велеска, Горјан Стојчев, Владан Петрушевиќ и Надица Толевска.
Проектот „Видео уметност и уметност базирана на време“ се фокусираше на практиките во современата уметност кои го вклучуваат времето како значаен елемент и/или се документирани (или продуцирани) со видео камера: видео уметност, перформанс, видео перформанс, акција, видео инсталација…
Веќе неколку децении ликовната уметност ги освојува подрачјата и териториите што претходно не биле нејзини. Така, во еден значаен дел, таа присвојува и апсорбира искуства од театарот, филмот, архитектурата, науката, социјалните практики, филозофијата итн. Оттука, се појавува потребата за запознавање на идните млади автори со појавите и практиките што го напуштаат класичниот пристап на творење во студио.
Проектот се реализираше во вид на интерактивна работилница од повеќе сесии, каде беа анализирани дела, автори и појави поврзани со видео уметноста, видео перформансот и уметноста која го вклучува времето како клучен фактор.
Дел од темите и содржините што беа опфатени со овие сесии се: Почетоци на видео уметноста, услови и контекст; Ателјето и телото како инспирација и тема; Перформанси и акции документирани со филмска или видео камера; Теми поврзани со стереотипи и женското прашање; Концептуална уметност, автореферентност и прашања поврзани со системот на уметноста и мотивите и процесот на творење; Визуелни и технички истражувања во видео уметноста; Автори кои го користат сопственото тело како израз или медиум и/или автори со ангажиран и критички пристап; итн.
Во рамките на овие сесии, презентации и предавања одржаа професори од Факултетот за ликовни уметности: доц. Слободанка Стевческа, вонр. проф. Жанета Вангели, ред. проф. Антони Мазневски, како и Доријан Јовановиќ и двајца надворешни гости, ликовните уметници Јован Балов и Никола Узуновски.
На една од сесиите беше презентирана и дискутирана меѓународната групна изложба „Looking At Nothing (Desire In The Future)“, организирана и курирана од историчарот на уметност Дејан Буѓевац.
Со завршувањето на изложбата ќе се одржат средби, презентации и дискусии наменети за студентите на ФЛУ, со историчарот на уметност Владимир Јанчевски и ликовниот уметник Никола Узуновски.