Насловна / Архитектура / 70 години AAM (26.6.1952 – 26.6.2022)

70 години AAM (26.6.1952 – 26.6.2022)

Врз основа на Решението на Министерството за внатрешни работи на Народна Република Македонија број 12279/52 од 26.6.1952 година било одобрено основањето и работата на Друштвото на архитектите на Народна Република Македонија (НРМ) со седиште во Скопје и право на дејност на територијата на НРМ, кое сега на 26.6.2022 година како Асоцијација на архитектите на Македонија (ААМ) го одбележува својот 70-годишен јубилеј.

1952 AAM Capture_resize

ДРУШТВОТО НА АРХИТЕКТИТЕ БИЛО ОСНОВАНО ОД АРХИТЕКТИ КОИ БИЛЕ ОБРАЗОВАНИ НАДВОР ОД ТЕРИТОРИЈАТА НА ЗЕМЈАТА

Додека официјалното одбележување на овој значаен јубилеј е во тек, веројатно е пригодно да се потсетиме на одредени настани од историјата на архитектурата на овие простори коишто придонеле за основањето на оваа организација. Со оглед дека Друштвото на архитектите на НРМ било основано само три години по отпочнувањето на првите петгодишни десетсеместрални студии по архитектура на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет на Универзитетот (Св. Кирил и Методиј) во Скопје во 1949 година, произлегува дека Друштвото на архитектите на НРМ било основано од архитекти коишто биле образовани надвор од територијата на земјата без оглед на нивното потекло.

Ослободувањето и воспоставувањето на тогашната Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ) по Втората светска војна овозможило заинтересираните студенти од НРМ да се запишат на тогашните архитектонски факултети во Белград, Загреб и Љубљана, основани во 1846, 1919 и 1919 година респективно, што придонело за создавањето на првите повоени кадри потребни за обновата на од војната разрушената земја.

И покрај тоа што зачетоците на високото образование на територијата на Северна Македонија можат да се следат и пред тоа преку Филозофскиот факултет во Скопје (1920-1941) основан во времето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, а подоцна, според одредени извори, и преку Универзитетот „Цар Борис Трети“ во Скопје (1941-1944) во времето на Втората светска војна, не е познато дека тие нуделе студии по архитектура.

Досегашните истражувања немаат укажано дали некој по потекло од територијата на денешна Северна Македонија се стекнал со формално архитектонско образование во рамките на Отоманската Империја на сегашниот Технички универзитет во Истанбул (се смета за третиот најстар технички универзитет во светот оригинално основан како Империјална школа за поморско инженерство во 1773 година) од 1845 година или пак на Мимар Синан универзитетот за применети уметности во Истанбул (основан како Школа за применети уметности по угледот на европските) од 1883 година.

ПЕТАР Ј. ПОПОВИЌ ВЕРОЈАТНО БИЛ ПРВИОТ КОЈ СЕ СТЕКНАЛ СО ФОРМАЛНО АРХИТЕКТОНСКО ОБРАЗОВАНИЕ

_____ _. ________resize

Петар Ј. Поповиќ (1873-1945) 

Врз основа на истражуавњaта прозилегува дека Петар Ј. Поповиќ (1873-1945) роден во Прилеп, а израснат во Смедерево и во Белград во Кралството Србија веројатно бил првото лице родено на територијата на денешна Северна Македонија кое се стекнало со формално архитектонско образование. Тој пред 130 години во 1892 година се запишал на Техничкиот факултет при Високата техничка школа во Белград каде што дипломирал во 1896 година студирајќи првин инженерство, а потоа и архитектура.  Според српскиот академик проф. д-р. Александар Кадијевиќ, Петар Ј. Поповиќ припаѓа на генерацијата на основоположници на развитокот на градежната струка на територијата на Србија и Кралството Југославија. Тој работел во Министерството за градежиштво (1897-1927) од каде како началник на градежната служба се пензионирал, а од 1919 година паралелно работел и како хонорарен наставник на Архитектонскиот факултет во Белград на предметот Византиски стил.  Во 1925 година бил избран за член на Српската кралска академија, а година дена подоцна и за дописен член на Масариковата прашка академија на трудот. Како архитект, тој се потврдил како авторитет во доменот на проектирањето, градителството, конзервацијата и наставно-научната работа. Неговиот богат творечки опус е релативно скромен во рамките на територијата на Северна Македонија и се сведува на снимањето и инспекцијата на историските црковни објекти, како и на конзерваторските работи на Куршумли ан во Скопје и на Манастирот Матејче. За жал, неговиот единствен изграден објект на територијата на Северна Македонија бил урнат во 1941 година кога оваа територија била управувана од Кралството Бугарија. Спомен-костурницата на брдото Каленици во близината на Железничката станица во Штип била изградена (1925-1926)  во спомен на паднатите војници на Кралството Србија во текот на Брегалничката битка (30.6.1913 – 9.7.1913) од  Втората балканска војна.

Untitled-1_resize

Untitled-2_resize

Капела во Штип, Петар Ј. Поповиќ 

СЛЕДНИТЕ ДВА АРХИТЕКТИ СЕ СТОЈМИР С. СИМИЌ И СОТИР Т. ТОМОСКИ

Врз основа на расположливите информации се чини дека следните два архитекти родени на територијата на Северна Македонија исто така дипломирале во Белград и тоа во 1924 година.  Тоа биле Стојмир С. Симиќ (р. 1896 во Кратово) и Сотир Т. Томиќ (Томоски, р. 1899 во Битола).  Со оглед на годините на нивното дипломирање, тие најверојано биле и студенти на Петар Ј. Поповиќ. Расположливите информации укажуваат дека Ратислава Ч. Вохоска (р. 1914 во Скопје), по сопругот најверојатно Маѓаревиќ, дипломирала во Белград во 1938 година. За разлика од архитектот Сотир Томовски, за животот и делото на Стојмир Симиќ и Ратислава Вохоска многу малку се знае.

сотир_resize

Сотир Томоски

Во рамките на овој текст невозможно е да се оддаде лично призание на сите оние по потекло од територијата на Северна Македонија или пак од други земји било архитекти или пак инженери коишто се занимавале со архитектонско проектирање и преку тоа придонеле кон развитокот на архитектурата како професија барем во изминатите 126 години од дипломирањето на веројатно првиот архитект Петар Ј. Поповиќ.  Според податоците од Инженерската институција на Македонија на територијата на тогашната Градежна дирекција на Скопје во 1920 година имало барем 50 инженери и архитекти, што било доволно за да се основа Скопската секција на Здружението на југословенските инженери и архитекти. За жал, засега, нивните имиња и имињата на основачите на Друштвото на архитектите на НРМ во 1952 година главно сè уште не се познати.

1_resize

2_resize

Женска гимназија во Скопје, Сотир Томоски

ОСНОВАЊЕ НА ПРВОТО СРЕДНО ТЕХНИЧКО УЧИЛИШТЕ – „ЗДРАВКО ЦВЕТКОВСКИ“

При одбележувањето на овој јубилеј не треба да се заборави и придонесот на средното техничко образование и на градежните и архитектонските техничари, од кои добар дел подоцна станале и архитекти. Во голема мерка нивното значење веројатно се гледа и во доблеста на тогашните ослободителни власти кои дури и во текот на Втората светска војна на 7.12.1944 година донеле одлука за основање на првото Средно техничко училиште во Скопје „Здравко Цветковски“. Дополнително на 10.6.1946 година биле донесени времени правила за завршниот испит во средните технички училишта, преку кои се отвориле можности за дооформување на средното образование на сите оние на коишто им било оневозможено поради војната, вклучително и на посетителите на бугарското средно техничко училиште во Битола во текот на Втората светска војна.

3_resize

ГУЦ; „Здравко Цветковски“, Скопје

Од аспектот на професијата, како значеан потег може да се смета оној од пред крајот на Втората светска војна кога со одлука на властите на Федералната единица Македонија од 3.5.1945 година на членовите на Асоцијацијата на инженери и техничари им било дозволено да се занимаваат со проектирање и изградаба на објекти од високо и нискоградба.

Screenshot 2022-06-15 090604_resize

ПОРИГОРОЗЕН СИСТЕМ ВЕРОЈАТНО ПРИДОНЕЛ ДА Ѝ СЕ ДАДЕ ЗДРАВА ОСНОВА НА АРХИТЕКТОНСКАТА ПРОФЕСИЈА

Следејќи ја законската регулатива од повоениот период може да се види дека воопшто не било лесно да се стане помлад техничар или помлад инженер/архитект во тој период. Така по завршувањето на формалното образование требало да поминат од 24 до 30 месеци стаж од кој најмалку12 месеци требало да бидат на проектирање, а најмалку 12 месеци на градилиште. Стручниот испит се состоел од писмен и двочасовен устен испит, при што писмениот испит за техничарите траел пет дена и тоа до по осум часа секој ден во кој период кандидатот требало во училница под надзор на испитната комисија, самостојно да изготви проект на помал објект вклучително со предмер и пресметка, и статички пресметки за носечките конструктивни елементи.  Инженерите и архитектите биле малку „привилегирани“ во оваа смисла со оглед дека тие имале 15 дена рок за изработка на поголем проект од дома, но со истиот опсег на барања: проект вклучително со предмер и пресметка, и статички пресметки за носечките конструктивни елементи. Секој кандидат имал право на најмногу три обиди за полагање на стручниот испит за помлад техничар или инженер/архитект. Ваквиот тогашен поформален и поригорозен систем веројатно придонел да ѝ се даде здрава основа на архитектонската професија, која пак во повоениот период на ограничени материјални и човечки ресурси, сепак успеала да реализра голем број на објекти со кои и денес се гордееме.

1-0_resize

ДРУШТВОТО НА АРХИТЕКТИТЕ Е ФОРМИРАНО НА 26.6.1952

Со официјалното реафирмирање на статусот на Сојузот на инженерите и техничарите во Македонија од 1949 година биле поставени и основите за професионално организирање на професиите од доменот на изградената средина, што довело до основање на Друштвото на градежни инженери и техници на НРМ во 1951 година, на Друштвото на архитектите на НРМ во 1952 година, Друштвото на електромашинските инженери и техници во НРМ во 1952 година и на Урбанистичкото друштво на НРМ во 1956 година. За жал не сите професионални здруженија основани во 1950-тите години сè уште опстојуваат, а и оние што опстојуваат се соочуваат со егзистенцијални проблеми, особено по пренесувањето на ингеренциите за издавање овластувања од државата на новоформираните стручни комори. Ова не е исклучиво македонски феномен и проблем, туку со иститот се среќаваат и другите поранешни републики на СФРЈ. Веројатно може да се каже дека ваквите состојби не се само одраз на воведувањето на стручните комори туку и на економското раслојување, деградацијата и уситнувањето на професиите во доменот на градежништвото и изградената средина, што делумно е и светски феномен. Во оваа смисла веројатно е потребно да се направат обиди за одредена поделба на ингеренциите помеѓу Комората и Асоцијацијата, за да се осмисли и обезбеди нивната иднина, како за потребите на идните генерации, така и за очувување на еве веќе 70-годишната традиција на Асоцијацијата на архитектите на Македонија. ААМ со својата архива, поранешни, сегашни и идни членови, членовите на Академијата на архитектите при ААМ, сродните организации и пошироката јавност може да стане носител на колективната меморија и достигнувањата на архитектурата на територијата на Северна Македонија, што претставува не само основа за вреднување на архитектонската професија локално, туку и пошироко.

Нека ѝ е честит 70-тиот јубилеј на Асоцијацијата на архитектите на Македонија со најубави желби за нејзина понатамошна плодна и успешна работа!

026

Испрати коментар

Scroll To Top