На почетокот на месец јуни, Музејот на град Скопје ги отвори вратите за 7. Годишна изложба на Факултетот за архитектура и дизајн на УАКС. На изложбата, оваа година, ѝ беше даден еден поинаков концепт и визуелен изглед.
На неа беше претставен избор од 50 карактеристични решенија, иако бројот на проекти кои се реализирани е многу поголем. Изложбата е потврда дека Факултетот за архитектура и дизајн е активен учесник на културната сцена во Скопје.
Во првиот изложбен дел беа креирани 16 изложбени паноа – призми на кои се претставени педесет специфични идејни архитектонски решенија и проекти, тематски конципирани за потребите на Дојран, изработени од студентите од сите академски години, од двата циклуса на студии.
Токму соработката со Општина Дојран беше она што ја одбележа минатата година. Студентите од повеќе генерации од двата циклуса на студии, работеа на проекти за различни типови објекти и дизајни лоцирани во општината. Проектните програми беа структурирани во насока на задоволување на потребите како на локалното население, така и на бројните туристи кои го посетуваат ова наше познато езеро. Па затоа експонатите ќе бидат презентирани подоцна на изложба во Дојран, а проектите ќе бидат предадени на општината за нивна понатамошна реализација.
Во останатиот дел од музејот беа поставени уште два концепти. Едниот од учеството на овогодишната манифестација „Биста 2016“, а вториот концепт беа директно поставени студентски проекти на еден хоризонтален објект и се однесуваат на другите предмети кои ја сочинуваат целокупната наставна програма на факултетот. Со овој приказ се дава пресек на целокупното работење во академската 2015/2016 година.
Забележлив беше и проектот за колективно домување – Домување во трето животно доба, кој е продукт на традиционалната соработката со Домот за стари лица „Мајка Тереза“ во с. Злокуќани. Интересно е што студентите од трета година својата завршна презентација на проектот ја имаа токму таму, а на предметниот наставник и на неговите соработници, во улога на комисија, им се придружија и корисниците на домот.
За потенцирање на потребата од директен контакт на студентите со локацијата и со корисниците, тие работеа и надвор од академската средина. Студентите од трета година, на предметот Ентериер 2, работеа во просторот на Националната галерија „Мала станица“, а предметот на проектирање беше токму просторот на оваа институција. Директно во просторот на нивната задача, во контакт со вработените како извор на информации и како идни директени корисници на новите решенија на работниот и комерцијален простор на институцијата.
На факултетот за архитектура и дизајн на УАК, а тоа се виде и на изложбата, постојано се следи зацртаната образовна политика на школата таа да биде општествено ангажирана и посветена на реалните проблеми на заедницата од аспект на урбанизам, архитектура, дизајн, екологија. Оттука и годинава, како и сите изминати, изложбата во оформувањето исклучиво го следи концептот на користење на материјали за рециклирање и реупотреба, со помош на компанијата „Пакомак“.
Пишува: проф. д-р Мишко Ралев, декан на ФАД на УАКС
Фото: Киро Попов