Градежниот факултет како една од најстарите единици на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, го одбележа своето 69 годишно постоење. На свеченоста по повод јубилејот деканот Дарко Мославац нагласи дека Градежниот факултет е еден од најлибералните, кој е центар за развој на експертската мисла од областа на градежништвото и секогаш активен партнер во делувањето во оваа област во државата.
Свеченоста и јубилејот беа искористени да се доделат стипендии на 49 студенти од сите години и насоки на факултетот.
Исто така, беа прогласени и најдобрите дипломски трудови во изминатата година.
Компанијата АДИНГ ја додели наградата за најдобра дипломска работа од областа на градежништвото на студентката Марија Николиќ за нејзината тема „Проект за челична индустриска хала“.
Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи ја додели наградата за најдобра дипломска работа од областа на геодезијата и тоа на студентот Јани Ставрески за темата „Компаративна анализа на дигиталните елевациски модели базирани на иновативни и класични геодетски технологии“.
Од областа на геотехниката Градежниот институт АД Скопје ја додели наградата за најдобра дипломска работа на студентката Магадела Тасевска за темата „Студија на случај за појава на нестабилност кај почвени косини под дејство на врнежи“.
фото: Киро ПОПОВ