Бирото од Токио „Nendo“ направи архивски простор за сместување на своите производи и мебел, кој воедно е и пансион за гости, а објектот го доби името Culvert Guesthouse.
Архивскиот и резиденцијален простор е изграден од четири кутијасти форми кои се наредени една врз друга, а објектот со препознатлив облик е сместен во шумска средина, на периферијата на градот Мијото во Јапонија.
ПРОСТОРИ СМЕСТЕНИ ВО ТУНЕЛИ
Издолжените бетонски форми направени се од монтажни бетонски елементи, кои почесто се користат за комунални проекти, односно за потребите на електрични и водоводни инсталации под површината на земјата.
Главниот архивски простор на Culvert Guesthouse е сместен во „тунел“ долг 40 метри, кој има прозорци на двата краја.
Поставен паралелно во однос на овој простор, организиран е уште еден тунел со кујна и тоалети, а покриениот простор меѓу нив е формиран како простор за седење.
Поставени врз овие два елементи, тука се уште два преднапрегнати кутијасти елементи со спална зона и секундарна архива со работен простор.
Сите бетонски елементи се обоени во бело, со цел да се даде минималистички изглед на архивата и гостинскиот простор. Внатрешните простори се исто така изведени во бела боја и содржат минимални количини мебел.
МОЖНОСТ ЗА ДОПОЛНИТЕЛНО ПРОШИРУВАЊЕ
Бидејќи зградата е изградена од монтажни бетонски елементи, сите внатрешни простори се со димензии два на 2,3 метри.
За целата конструкција искористени се 63 бетонски елементи, од кои секој тежи по дванаесет тони.
Петтата бетонска структура се наоѓа веднаш до главната зграда на архивата и служи како дополнителен простор за складирање, а од студиото Nendo за Dezeen изјавија дека очекуваат објектот дополнително да се прошири во иднина.