Конкурс за изработка на идејно решение за изградба на Универзитетски комплекс за Универзитетот “Мајка Тереза” во Скопје е објавен на Бирото за јавни набавки. Комисијата која ќе го врши изборот има 6 професори -членови и шест нивни заменици.
Првата награда за избраното идејно решение е 600 илјади денари или околу 10 илјади евра, втората награда – 500 илјади денари и третата награда – 400 илјади денари. Доделените парични награди истовремено претставуваат авторски надомест за отстапување на правата за користење на трудовите. Плановите може да бидат испратени најдоцна до 2 октомври.
Најновиот, шести државен универзитет во земјава „Мајка Тереза“, почна да работи во просториите на Сојузот на синдикатите на Македонија во 2016 година. Составен е од пет факултети – за технички науки, за градежништво и архитектура, за технолошки науки, за информатика и за социјални науки, со вкупно 14 студиски програми. Почетокот на изградбата се планира за годинава на местото на касарната „Илинден“.
Наставата се изведува на албански, англиски и македонски јазик. Со ребалансот на буџетот за 2017, од предвидените речиси 82 милиони евра, најновиот универзитет доби 30 милиони помалку, или 55.2 милиони евра. Тогашниот министер за образование и наука, Пиштар Љутфиу, истакна дека има недостиг на студенти, но и на кадар.