Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии или попознат како Завод за испитување на материјали, годинава одбележува 60 години од постоењето. Тој е формиран од страна на Факултетската управа на Техничкиот факултет во Скопје со строго дефинирани задачи.
Според барањата на тоа време, на Заводот му се доверени вршење на научни истражувања, со цел да ги анализира и усовршува градежните и дугите слични материјали како и на готовите конструкции, потоа да ја координира својата работа со другите Заводи во земјата и странство, и да ги објавува своите научни достигнувања, но и да служи за очевидна настава на Техничкиот факултет. Исто така, меѓу одредените задачи било вршењето технолошка анализа на составните елементи на материјалите и помагање на градежната оператива со тоа што ќе врши технички испитувања на градежните и другите слични материјали како и на готовите конструкции.
Со текот на времето потребите наметнаа проширување на дејноста. Па така, Заводот почна да се занимава и со проектирање, ревизија, надзор и градежништво. Во 2002 година, Заводот го проширува своето име и добива назив Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии „Скопје“. Во 2007 година се трансформираше во акционерско друштво. Проширувањето на опфатот на дејностите со кои се занимава Заводот, наметна и потреба од соодветен кадар. Денес, може слободно да се каже дека за нивно извршување Заводот располага со доволно стручни кадри од сите технички факултети.
Во својата 60-годишна историја, името на Заводот е присутно во сите капитални проекти кои се изведувале во Република Македонија. Заводот соработувал и соработува и со многу странски компании кои градат фабрики во државава, од фазата на консултантски услуги, па се до завршување на објектите со технички прием и нивно пуштање во употреба.
Треба да се каже дека Заводот бил присутен девет години со својата лабораторија и стручен кадар во Ирак. Исто така, Заводот има изведувано по системот инженеринг градежни работи на проект во Астана, главен град на Казахстан. Во времето на поранешна Југославија бил член на координативен одбор на градежни институти на Југославија.
Во Заводот посебно го истакнуваат фактот што како партнер со кој се работи во континуитет 60 години е ТИТАН Фабрика за цемент „Усје“ – Скопје. Цементот како стратешки материјал редовно е контролиран и атестиран во лабораториите на Заводот, и таа соработка продолжува. Заводот соработува со многу компании од градежниот сектор, постари и новоформирани. Од Заводот велат дека во целиот изминат период се залагаат за непристрасност и објективни резултати од испитувањата, со цел да се зачува проектираниот квалитет на објектите.
Не треба да се заборави дека Скопје и Македонија се активни сеизмички зони, и многу е битен квалитетот на вградените материјали, посебно бетонот и челикот. Непосредно по земјотресот во 1963 година во Скопје, од страна на Заводот се формирани стручни екипи по налог на Градското собрание за одредување на степенот на оштетеност на објектите зафатени со катастрофалниот земјотрес. Беа проверени илјадници објекти и утврдени штетите врз нив од катастрофалниот земјотрес. Исто така, во Заводот, во соработка со други институции во земјата и странство, во 1964 година е изработена сеизмичката карта на Скопската котлина, за која Заводот ја добива наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.
И нормално, кога ќе работиш 60 години ќе бидеш дел од сите значајни проекти. Во Заводот посебно ги издвојуваат, хидросистемот со брана и електрана „Тиквеш“ – Кавадарци, индустријата за фероникел „Фени“ Кавадарци, термоелектраната „ТЕ Неготино“ во Неготино, надзорот и проектирањето на повеќе автопатски делници на коридорот К-8 и К-10, како и надзорот при изградба на магистрални и регионални патишта во државава. Исто така и браната со хидросистем „Калиманци“, браната на Ратевска река во Берово, мостот „Гоце Делчев“ на реката Вардар во Скопје, Македонската радио телевизија во Скопје, како и повеќе станбени и деловни објекти во државава.
Од странските проекти, во Заводот најзначајни ги сметаат изградбата на аеродромот „Александар Велики“, со кој стопанисува фирмата ТАВ од Турција, фабриката „Џонсон Контролс“ во Скопје, фабриката „Кромберг и Шуберт“ во Битола и други.
По осамостојувањето на Република Македонија, Заводот учествува со свои услуги на повеќе објекти, како што се спортски терени (сали, игралишта и сл.). А во поново време се врши надзор на објектите на Панорамското тркало со пешачки мост преку реката Вардар, во Скопје, надзор на енергетската ефикасност и декоративната фасада на ЕЛЕМ-ЕВН Скопје и структуралната композиција на „Мајка Тереза“ во Скопје.
Покрај ова, во лабораториите на Заводот се вршат студии со лабораториски испитувања на олово-цинкова руда од Велес за примена во патна инфраструктура. А исто така од истиот аспект се вршат испитувања на електрофилтерскиот пепел од термоелектраната Битола за примена при изведба на патишта и автопатишта.
Во Заводот истакнуваат дека имаат соработка и со повеќе министерства во владата на Република Македонија, каде што тие се јавуваат како инвеститори на повеќе објекти.
ПРИЗНАНИЈА ЗА СОРАБОТКА
По повод јубилејот Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии СКОПЈЕ АД-Скопје додели признанија за долгогодишна и континуирана соработка. Нивни добитници се:
- Г-дин БОРИС ТАНЕСКИ, претседател на УО на ЗИМ
- ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТ-СКОПЈЕ
- АРХИТЕКТОНСКИ ФАКУЛТЕТ-СКОПЈЕ
- ТИТАН ЦЕМЕНТАРНИЦА УСЈЕ АД-СКОПЈЕ
- АДИНГ АД-СКОПЈЕ
- ИЗИИС-СКОПЈЕ
- ЈП ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА НА РМ СКОПЈЕ
- РЕНОВА-ТЕТОВО
- АКТОР АДТ ГРЦИЈА – ПОДРУЖНИЦА СКОПЈЕ
- ГД ГРАНИТ АД – СКОПЈЕ
- ДГ БЕТОН-СКОПЈЕ
- Ф-ка КАРПОШ АД – СКОПЈЕ
- ЈП ЗА СТОПАНИСУВАЊЕ СО СТАНБЕН И ДЕЛОВЕН ПРОСТОР-СКОПЈЕ
- АД ЕЛЕКТРАНИ НА МАКЕДОНИЈА (ЕЛЕМ) – СКОПЈЕ