Насловна / Архитектура / 60. години од катастрофалниот земјотрес во Скопје Шанса за Центар – Креираме ли безбеден град?! ДУП Стара железничка станица

60. години од катастрофалниот земјотрес во Скопје Шанса за Центар – Креираме ли безбеден град?! ДУП Стара железничка станица

Јана Белчева Андреевска, политичар/член на Советот на општина Центар

ВОВЕД

Во многу текстови дoсега Порта 3 ја обработуваше темата  за трансформацијата на градот,  за трансформацијата на центарот на Скопје,  потоа за можностите и  пропуштените прилики,  за светските трендови кои можат да се применат кај нас ако се познати и препознаени. Шанса за Центар настана по конференцијата Шанса за Скопје во која се презентираа решенија и можности од блиското опкружување, од градови кои направиле свои пропусти и грешки, но се трансформираат за да дадат нова шанса за обезбедување на доволно финансии со кои ќе поттикнат нови и квалитетни услуги кон граѓаните. Трагаме понова визија базирана на идентификуваните и искомуницирани потреби со граѓаните  коишто  ќе овозможат градот да се развива по мерка на неговите жители. Како граѓанска иницијатива настапивме на локалните избори во Центар и застапувајќи ги принципите на одржлив развој, праведност и солидарност, на одлуки базирани на податоци и отворена комуникација со граѓаните  успеавме да добиеме поддршка за три советнички места. Нашата борба за промена на квалитетот на живот во центарот на градот трае секојдневно, верувајќи дека креирањето град по мерка на жителите значи напуштање на праксата на развој и планирање на градот со „инвеститорски урбанизам„. Урбаното планирање е обврска на институциите и на системот дефинирани со уставни постулати за заштита на правата на жителите за безбедност, за квалитетни услуги, заштита на културното наследство и здрава животна средина. Сведоци сме на ослабени  институциите во системот кои не ја исполнуваат својата задача, а со тоа не загрозуваат денес, но ја креираат и несигурноста на иднината која доаѓа. Интересите на малкумина често се заштитени од институциите кои треба да ги бранат интересите на сите граѓани . Храбро сме се труделе да го поттикнеме системот да работи за сите. Сме ги предизвикувале институциите да ја коригираат направената грешка, да го признаат мораториумот како инструмент и суспензиите . Треба да ги запрат плановите кои се погубни и да отворат конкурси за нов приод и креативни решенија. Сведоци сме на поразителни институционални одлуки и решенија, но тоа не не запира во понатамошните заложби  да претстане  деградирањето на Центарот, а за што и ја добивме поддршката,

Наша колективна одговорност е гласно да зборуваме за предизвиците, да се обидеме низ соработката со професионалци и со граѓаните да ги охрабриме чесните луѓе низ институциите да не потклекнуваат на притисок и слепо следење ??? на регулативите. Тие треба да бидат пречка за неспокојната иднина која може да следи и за нив, но и за нивните следни поколенија.

Нашата динамична група луѓе во Шанса за Центар доби можност да си ги каже своите размислувања за Центар низ призмата на институционалните битки во Советот, низ професионалниот ракурс на наши реномирани членови – професионалци во областа на архитектурата, културата, заштитата на животната средина, градежништвото, но и како обични граѓани, жители на Центар. Само заедно може да направиме подобра сегашност и побезбедна и поквалитетна иднина за следните поколенија.

ramstor parking

Јане Димески, советник од Шанса за Центар во Општина Центар

ШТО Е ПРОБЛЕМОТ СО НОВИОТ ПЛАН ЗА СТАРА ЖЕЛЕЗНИЧКА СТАНИЦА?

Остатоците од станицата во кои е сместен Музејот на Град Скопје, застанатиот часовник во  моментот на земјотресот, изложбите посветени на најтешките моменти од  новата историја на градот кои се подготвуваа за одбележувањето на јубилејот и фразите на политичарите не беа никаков поттик  за мнозинството од советниците и актуелниот градоначалник на Општина Центар да донесат нов урбанистички план за Старата железничка станица без почитување на овие вредности. План во кој нималку елегантно ќе се заобиколат дел од урбанистичките правила и прописи кои, меѓу другото , треба да гарантираат и безбедност и најмала можна штета од  урнатини од објектите при евентуален силен земјотрес. Лекциите од минатото како да се однесуваат за некои други луѓе.

Oд она што досега се знаеше од неколкуте јавни презентации на овој план беше дека основната причина за неговото носење и изработување е решавање на проблемот со неусгласени катастарски парцели и отворање на можности за уредувањето на парцели кои се наоѓаат на југозападниот крај на оваа четврт односно, веднаш до крстосницата на улицата Водњанска.

Дека  имало нешто повеќе во овој план не можеше да се насети  ниту ако  се гледа само планската програма според која е изработуван планот во која проектантите архитектот Бојан Муличковски и архитектката Меланија Калајџиска од проектантската фирма Билд Урбан ја изложиле својата визија како да се доуреди просторот.

avtori

Поради комерцијалната атрактивност на просторот на којшто се наоѓаат куќите и објектите се предлага на нивното место да се предвиди објект со деловна намена и зеленило во еден помал дел. Предвидуваат овој урбанистички план да се усогласи со одредбите и параметрите од Генералниот урбанистички план, потоа, „хармонизација на просторот“,  планирање на големината на градежните парцели, површините за градба, коефициент на искористеност, минимален процент на зелениот фонд со уредување на дворни места околу градбите, потребен број на места за паркирање и параметри кои ќе бидат во согласност со стандардите за урбанистичко планирање. Параметри кои, како што нагласуваат, се одредени и од специфичностите на планскиот зафат. А просторот на овој плански зафат, од искуството е познат и како предел каде што минува една од раседните линии, односно подземен процеп.  Според студијата на професорот од Градежен факултет , Апостол Поцески, изработена по земјотресот тој се протега од Кисела Вода преку улицата пред Стара железничка станица кон Лепенeц и се смета за една од најкритичките линии во однос на опасноста од земјотреси.

А каков материјал добија советниците за разгледување (оние кои гио отвориле) и за гласање?

Наместо само решавање на проблемите,  како што и било претставено на последната јавна презентација, во планот се појавија и две нови  црвени коцки кои експлицитно не се спомнати никаде во планската програма. Првата  е за нов објект, односно проширување на постојниот објект на трговскиот центар Рамстор со уште една градба која ќе биде сместена на сегашниот паркинг кој се наоѓа меѓу Рамстор и зградата на НЛБ Тутунска банка,. Втората дава  можност за зголемување во висина и проширување на  неодамна завршениот комерцијален објект на КАМ маркет кој се наоѓа на просторот меѓу катната гаража 26 Јули и Старата железничка станица. Така Рамстор ќе се прошири со уште еден објект со висина од 23 метри и добива можност да ја зголеми висината на постоечкиот објект за 2 метри. Објектот на КАМ, кој уште во најголем дел не е ниту вселен, веќе добива можност да се надгради и прошири до висина од 23 метри, за сметка на сегашната висина која е 16 метри. Со тоа овој ДУП само кај овие објекти „се збогатува“ за неколку илјади квадратни метри деловен и комерцијален простор. Простор чија комерцијална цена може да достигне повеќе од 10 милиони евра. Комерцијалниот објект пак кој се планира на местото на сегашните куќи може да има висина од 25 метри.

star_dup

Стар ДУП

nov_DUP

Нов ДУП

Образложението на планерите за причините за овие промени и дополнувања изнесено на јавната седница на Советот на Општина Центар беше дека сопствениците на овие парцели имале право да побараат вакво зголемување на објектите. Тоа и го сториле на последната јавна анкета, а имало можности тоа да им се одобри и им се одобрило. Дополнително, проектантката смета дека со изградбата на овие објекти ќе се затворел уличниот фронт на целиот блок како една непрекината комерцијална целина. Притоа не се посочи никаков конкретен податок за потребата за вакво зголемување на комерцијалниот простор во услови кога непосредно до овие објекти веќе е во крајна фаза изградба на уште еден такот голем комерцијален простор во кој ќе има и трговски центар.

Она за што пак не се доби никакво издржано образложение и објаснување е зошто во новиот детален урбанистички план за Стара железничка станица , во делот кој се однесува на заштита и спасување од урнатини при евентуален силен земјотрес , е наведено дека објектите се со висина од 10,2 метри и при евентуално уривање на некој од нив  урнатините би паднале во рамките  на парцелата. Меѓутоа, новопланираните објекти се со висини од 23 и 25 метри со што овој податок  воопшто не е точен. Поточно, во целиот блок нема објект кој е со висина до 10 метри. Во урбанистичкиот план, за кој се гласаше во  Советот, нејасно се прикажани сега веќе постоечките високи станбени згради во рамки на комплексот Дајмонд на фирмата Лимак кои пак имаат многукратно поголеми висини и од новопланираните објекти. Тоа значи дека во делот на мерки за заштита и спасување и планирање на просторот заради можни земјотреси на една од најкритичните земјотресни локации во градот ниту формално не е посветено внимание на овие аспекти. Напротив, свесно или несвесно се презентирани неточни податоци, иако во делот „Сеизмика на просторот“ теренот, според стабилноста, е категоризиран како претежно нестабилен и каде што се можни појави на сите деформации во природни услови или при делувањето на човекот. Се вели и дека „според очекуваните сеизмички интензитети оваа локација е изложена на потреси над 9 степени по МЦС скалата“, но дека терените се  „поволни за градба со тоа што е исклучена можноста за појава на катастрофални земјотреси за експлоатациониот век на објектите“. Но, се посочува дека густината на објектите , односно нивното растојание, е планирано во доменот на сеизмичкото проектирање со помали висини на објектите и со поголеми попречни профили на сообраќајниците, со што во случај на сеизмичко рушење може да се обезбеди проток на луѓе и возила.

thumbnail (2)

Меѓутоа, овој план го прави токму спротивното од  она што е декларирано..

Во изгласаниот план не може да се видат ниту велосипедските патеки во блокот, а како што забележаа и од граѓанската иницијатива На точак, не се видливи ниту попречни пасажи, односно премини или улици, со кои граѓаните ќе може да поминат од улицата Св. Кирил и Методиј (поранешна Мито Хаџивасилев Јасмин) кон улицата Јордан Мијалков (поранешна Железничка) без да мора да ја  обиколуваат целата четврт со должина од околу 800 метри. Ќе треба да се види дали и како ќе се изведат овие премини низ она што сега се финализира како голем затворен комерцијално-станбен блок, наспроти јасното барање од ГУП-от на ова подрачје висините на зградите да се планираат така што ќе се почитува јавниот интерес преку овозможување на проветрување. Блокот затворен од сите страни со згради тешко дека ќе може да гарантира какво било  проветрување.

Од аспект на јавното зеленило оваа четврт ,со површина од над 140 илјади квадратни метри, се предвидува  да има една компактна површина со јавно зеленило во форма на парк на нејзиниот  југосточниот крај, – Урбан парк и уште неколку тревнати површини. Сѐ на сѐ површина само од околу 9 илјади квадратни метри. Зеленилото од 20% на парцела, како што налага Законот за урбано зеленило, е планирано да се надоместува преку покривни градиниконцепт кој засега скоро на ниту една локација не се оствари онака како што било планирано. Дополнително, финалното решение се коси со планската програма во која се вели дека минимален процент на зелениот фонд ќе се постигне со уредување на дворни места околу градбите. Околу градбите едноставно речиси  и да не е оставен простор за дворни места.

Овој недостаток е сериозен особено ако се има предвид дека целиот блок завршува со крстосницата кај зградата на Нова Македонија, локација која со анализата и мерењата извршени од страна на Град Скопје од пред неколку години е означена како најголем топлотен остров во градот.  На површината на оваа крстосница во летните месеци е измерена температура од над 60 целзиусови степени. Дополнувањето на  просторот со уште објекти и бетон само ќе го засили ефектот на топлотен остров, што е во целосна спротивност со потребите за приспособување на  прогнозираните климатски промени и на  очекувањата за екстремни климатски настани како што се  високите температури и поројните дождови.

Овие недостатоци и „изненадувања“ во планот можеби ќе беа забележани од стручната јавност доколку планот во ваква форма претходно бил презентиран на нова јавна анкета. Меѓутоа, и покрај сериозните дополнувања тој не е претставен во неговата финална форма пред јавноста. Поднесен е директно на усвојување на седница на Советот во јули и усвоен од мнозинство советници и покрај укажувањето на овие проблеми.

Даница Павловска-Циги, планер, архитект

АРХИТЕКТУРАТА Е СЕПРИСУТНОСТ

Архитектурата е промислувачка дисциплина, а урбанизмот е високо креативна практика на осмислување на просторот. Нивните референцијалности се осмислувањето на живеењето на просторот; неговата култивизација и естетизација; функционална организираност и конструктивна сигурност во неговото користење; емпириска и коегзистентна методологија во создавањето на творбите, неприкосновеност и разновидност во авторството итн.

Денес  не може да се избегне од целосно интегрирање во тековите впишани во просторните координати на живеење, така  што економското и политичкото секојдневие добива димензија на „опросторување“. Во перцепцијата на овој процес преовладува увереноста дека борбата којашто го одредува полето на јавниот интерес (политика) е сведена на општа недоверба.

Станува особено одговорна размислата за нашата стварност, во виорот на силни надворешни и внатрешни притисоци и со често неразбирливи системски преобразби. Едноставно, мора да се застане, како  наједноставен чин на преиспитување, за да видиме што и како понатаму.

Така некако е дочекана шеесетгодишнината од земјотресот во Скопје . Наместо на секоја архитектонско- урбанистичка одлука  да ѝ се пријде одговорно, на луциден и на длабоко аналитичен начин, да го третира градот како Субјект со чувства и душа, да го третира центарот како Јадро што зрачи импулси со својот и само свој код, најчесто се водат дневни плитки и површни политики на сите нивоа.

Но, како и да е, нашето Скопје е една навистина интересна приказна, град со необичен урбан пејзаж на недовршени слоеви, на траги од различни концепти кои прават нехомогена структура, еден мал, но моќен конгломерат на различни идеологии. Вистински предизвик e да се нурне во неговата душа, да се здогледаат парченцата  од неговиот досегашен живот и да се  постигне „читање “ на неговите значења.

За мене приказнава има и длабоко интимна интонација од моето детство поминато на улица Македонија, поранешна Маршал Тито,  чијашто  почетна точка е старата железничка станица, сегашен Музеј на Град Скопје – genius loci.

thumbnail

Мислата за оплеменување на центарот ја имав не само заради спомените, туку и како професионална задача во Комитетот за урбанизам на Град Скопје. Работев на уредување и естетизација на јавните површини во градот, креирање  меморијални белези и акценти во јавните простори, дури и тематски истражувачки студии од кои една се однесуваше  токму на центарот на градот, а од неа  произлезе публикацијата „Пешачки простор“ (со проф.Тихомир Арсовски). Студијата го третираше потегот помеѓу точките Стара железничка станица и Бит пазар и постави мала пешачка аксијала како споен мемориски хоризонт. Беа  предвидени културолошки јавни содржини како што е Остен, токму во сочуваниот станичен перон и во подземниот станичен премин, се активира еден вагон- ресторан, се организира лапидариум. Долж таа линија сите проширувања добија смисол и конкретни намени од јавен интерессо можност  етапно да се реализираат како дефинирани просторни целини. Особено е важно што тогаш се распиша и беше успешно спроведен архитетонско – урбанистички конкурс за локалитетот со остатоците на старата станица, а со кој се добија неколку извонредни решенија, но не дојде до реализација  (?). Фетишизирањето на економските (финансиските) ефекти стана тренд и како да го оправдуваше вулгарното неумерено урбано профитерство, а сѐ останато што  претставува супстанција на општеството се запостави. Тоа особено се рефлектираше низ урбаните политики и потоа,  за жал, настанаа и трагични инсталации без висока интелигенција, без суптилен сензибилитет, без елементарно достоинство и без професионална (само)почит на авторите. Немаше сила и моќ за разрешување на  настанатите крајно политизирани и лажно-историски  ( Ск2014) околности.

Денес се има впечаток на „лошо ткаење“ на урбаното ткиво на центарот. Тоа мора да се надмине со јасен показ дека е  отворен, адаптивен, флуиден и дека низ соодветен пристап, со искажување јасна  политичка волја може да се создадат нови современи атрибути, нова урбана референца (на пр. поширока пешачка зона  според препораките од проектот со Јан Гел).

Во последните декади, со корупција и авторитарност како јасни системски признаци, привлечни беа и се остваруваа(т) мега структури од кои највпечатлив е комплексот Лимак над подземниот сегмент на Јужниот булевар. Низа контраверзи го следеа  проектот уште од самиот почеток, но со последната („летна“) Измена и дополнувања на ДУП-от за  Стара Железничка се зголеми спратноста на поединечни објекти без логична аргументација, а нивните кровови во планот се предвидени за озеленување (скромно!). Исто така, со планот се зголемува процентот на изграденост со вметнување на нови локации, одосно објекти во ионака непорозниот приземен дел од комплексот,. Се пренебрегнува  условот за  сосема ослободено приземје како сквер, улица, пасаж… Комплексот е предимензионирана физичка структура. Спречени се воздушните струења од Водно. Тој е впечатлива психолошка бариера. Пресечени се нагласени пешачки правци од деловите со домување (станбени населби), од здравство (Клинички центар Мајка Тереза), кон просторите за деловни намени и кон самиот центар на градот иплоштадот.  Сопоздрава државна и локална урбана политика можеше да се преиспита урбанистичкото решение за да се подобри неговиот квалитет, бар толку колку што е можно во поодминат  степен на реализација. Токму обратно, без објаснување се дополни и  оптовари овој простор. Неопходната, систематична и широка анализа (економска, политичка и културна) изостана, а се донесе лоша, срамна, плиткоумна одлука на Советот на Општина Центар.

Едноставно, професионалната свест и здравиот разум налагаат поинакво поодговорно дејствување на овој локалитет. Тој заслужува  појасно  фокусирање за да може елегантно да се подвлечат симболичките врски со меморијата и духовните принципи. Всушност, во овој случај мора да реагираме, мора да укажеме на грешката, мора да покажеме и докажеме дека градскиот живот живее токму преку нас, граѓаните!

Значи, борбата на граѓанскиот сектор, на професионалната фела, на локалната управа и на сите разумни политички фактори треба и ќе продолжи.

Искра Јанковска, архитект, член на граѓанската иницијатива Шанса за Центар

ПЛАНОТ ОКОЛУ СТАРАТА ЖЕЛЕЗНИЧКА – УКРАДЕНО КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО НА СКОПЈЕ

Најголемата тежина на овој план е дека го поклопи, украде и го минимизира културното наследство на Скопје. Неусогласеноста со ГУП-от е нешто за што ќе се плаче  по 5-6 години кога ќе почнат да излегуваат на виделина аномалиите како што се: повеќе жители од предвиденото, потоа  сообраќајници димензионирани за број на жители и посетители според ДУП-от. Не можам да сфатам како секоја инвеститорска желба се исполнува без да се вклучи кај ниеден планер барем малку од поуките од часовите на Живко Поповски или од тоа како изгледаат градовите во кои се сликаат кога патуваат.

За просторот околу Скопската стара железничка станица не можам да кажам став како архитект а да не ги вмешам  емоциите, затоа што сум растена во Градски ѕид спроти полуразурнатата  зграда на  станицата. По земјотресот на 26 јули 1963 таа стана заштитен знак на градот и препознатлив симбол на светската солидарност. Овој дел од центарот на Скопје го паметам уште кога таму беа железничките бараки. Не беше тоа простор по кој сум носталгична/Очекував овој простор да се изгради и да добие нов и модерен лик, белег на моето време. Но, сега е простор кој го избегнувам, прво заради метежот  во сообраќајот кој допрва ќе се триплира, но и заради тоа што не сметам дека три трговски центри и 4 безлични висококатници се обележје на моето време. Сметам дека мојата генерација  е способна да креира повисок квалитет .  од овие рудиментарни објекти.  Сметам дека во нас има повеќе капацитет да  манифестираме поинаков однос кон содржината на нашата околина.

thumbnail (1)

На одбележувањето на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес, по неколку години избегнување на овој дел на центарот бев во Музејот на Град Скопје.  Просторот околу Музејот е украден. Ми недостасуваше  зеленило и ширина околу зградата на Старата железничка станица,  ми недостасуваше   простор  3Д мапингот да го доцрта срушениот дел од железничката… Ова е План без никаква почит спрема Музејот, спрема заштитниот знак на главниот град на државата кој е дел од скопската историја. Просторот околу Железничката станица не само што не го почитува архитектонското и културното наследство на објектот, туку и по самата структура е тотално нелогичен. Три трговски центри во еден блок! План како да е правен од конзорциум на трговски центри и градежни фирми, а не од планери урбанисти.

Како архитекти и урбанисти не создаваме само згради и планови за клиентите. Ние сме должни да создадеме простори, објекти кои создаваат чувства, ја чуваат меморијата на жителите, будат емоции кај минувачите и раскажуваат приказни на туристите. Ние ја создаваме силуетата на градот кој треба да е посакувано место. Треба да создаваме град во кој треба да се сака да се остане, да се живее, да се растат децата, град во кој треба да се сака да се старее.

Како граѓани собрани во „Шанса за Центар“, кои с здружени се бориме за подобар квалитет на живот во општина Центар, а со тоа и во Скопје, се изнагледавме ДУП-ови, градски четврти со нецелосни документи, планови без претходна анализа и со фингирани бројки, планови со надминат број на предвидени жители во однос на предвидениот број со ГУП. Таков е и планот за Стара железничка. Уште сега овој дел од градот е тесно грло и  е најдобро да се избегнува. Но, за секоја наша забелешка клиентелистички настроените ќе најдат пи-ар фрази со оправдувања, ама тие фрази нема навреме да им ја донесат Брзата помош ако им затреба, ниту пожарната кола ќе може да се пробие ако избие пожар, ниту пак нивниот воздух ќе го направат почист од оној што го дишеме сите други.

Најголемата тежина на овој план е дека го краде културното наследство на Скопје. А овој план е уште еден сведок на леснотијата на кревање рака за  носење клиентелистички одлуки без никаква одговорност.

plan_povrs_gradba

наме на површини за градење

Дивна Пенчиќ, едукатор од област на урбанистичкото планирање и одржлив урбан развој

ЖИВОТОТ НА ГРАЃАНИТЕ НЕМА ЦЕНА, БЕСЦЕНЕТ Е, НО СПОРЕД УРБАНИСТИЧКОТО ПЛАНИРАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА -БЕЗВРЕДЕН Е

Чествувањето на 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје е добар повод да ги преиспитаме урбанистичките политики и да анализираме како урбанистичкото планирање влијае на создавање безбеден град.

И токму во периодот кога се потсетуваме за немилиот настан предизвикан од нескротливата природа, жртвите и човечките трагедии од тој кобен ден 26 јули 1963 година, пред нас се најде тешка задача да учествуваме во донесување на ДУП за Градска четврт Ц 06-Стара железничка станица.

Но, што е важно за овој локалитет?

Прво, се работи за исклучително важен градски локалитет, полн со материјална, културна, но најмногу мемориска вредност. Постојат сведочења за одлуката на градската управа во 1963 година, разрушената Железничка станица и застанатиот часовник на 5:17 часот, да останат во таа состојба како симбол на катастрофата и жртвите од тој кобен ден. Причината за зачувување на остатоците е да не се заборави колку природата е моќна, а човечкиот живот краток. По неколку  години, стана особено важно и да не се заборави збратимениот свет и градот на солидарноста во кој се сплотиле осумдесетина земји од светот, стотина странски експерти и илјадници  војници и работници од целиот свет, да го изградат од пепел градот Феникс!  А објектот на Старата железничка станица да стане Музеј на град Скопје и во своите пазуви да  ја чува историјата на градот од памтивек до денес.

Второ, локалитетот е на евидентиран расед и песокливо земјиште на кое се претрпени големи штети на објектите на железницата. Цела среќа што тогаш немало многу објекти на самата локација, но објектот на железничката станица останал да сведочи за несигурното тло.

Трето, во моментот кога е одлучено да се дислоцира железничката инфраструктура и да се направи друг железнички коридор низ градот, локалитетот останува долго време слободен. За него се изработени конкурсни урбанистичко-архитектонски проекти, со цел изнаоѓање најповолната намена, обликување и изградба. За жал, во време кога настапуваат сериозни општествено-економски кризи, се изгубиле шансите за реализација.

Четврто, во налет на неолиберализмот и привлекувањето на инвеститори, локалитетот станува особено атрактивен. Станува актуелно јавно-приватното партнерство и градската управа се надева на вложувања кои ќе и ги намалат трошоците за реализација на планираниот „Јужен булевар“ за кој во градската каса нема средства.

Петто, овој локалитет е бафер зона помеѓу густиот градски центар и градска четврт каде што е сместен Клиничкиот центар и неколку други важни државни институции, но и врска со градските четврти на падините на Водно, Тасино чешмиче 1 и 2.

И што добивме како продукт од урбанистичкото планирање на локалитетот Стара железничка станица?

Прво, од слободен простор кој требаше да овозможи да помине „Јужниот булевар“ кој на источниот крај требаше да се спои со „Источниот булевар“ како врзник со „Северниот булевар“, полека но сигурно просторот се нападна со градби. ТЦ „Рамстор“ е почеток, за потоа да следува дивоградбата НЛБ Банка (која патем требаше да биде катна гаража), катната гаража со чудно име „Св. Кирил и Методиј“, па во поново време „КАМ Бизнис центар“, маркет „Супер Тинекс“…

Второ, на тој локалитет, најмонструозна е градбата „Дајмонд“ на Лимак. За неа општина Центар, како одговорна за издавање одобренија за градба, ниту има капацитет, ниту може да контролира што таму се случува. Постојано нешто се менува, преградува, доградува. И не е јасно како може премиери и градоначалници да се сликаат со макетите и проектот, а потоа да остават на службениците од општина Центар да го водат процесот, во кој патем и самите се   чувствуваат непријатно

Трето, притисоците кои сега ги вршат инвеститорите, на кои изгледа доста им е ветувано, сега доведоа до ситуација каде што тој простор станува хаотичен, непорозен, нехуман и преизграден. Но, кога се потклекнува пред „инвеститорскиот урбанизам“, воопшто и не можеше да се очекува нешто поинаку. Веќе на сите ни стана јасно каде води обликувањето и изградбата на градот, со погрешни градски развојни политики!

Но, каде сме со безбедноста и „скротувањето на природата“?

soglasno_GUP

Новиот ДУП за Градска четврт Ц 06-Стара железничка станица, а најверојатно и претходните, не предлагаат конкретни соодветни мерки за безбедност, ниту од природни катастрофи,  ниту од други ќ опасности, на пример пожари. Во планот, како вообичаена пракса, се препишуваат членови од закони и правилници и од мерките за заштита од ГУП-от на Скопје, кои се однесуваат на безбедност, без да се земат во предвид конкретните специфични услови. Најинтересни, но секако најнепрофесинални се препишаните мерки какна пример: „Густината на објектите односно нивното растојание е планирано во доменот на сеизмичкото проектирање со помали висини на објектите и со поголеми попречни профили на сообраќајниците, со што во случај на сеизмичко рушење може да се обезбеди проток на луѓе и возила“, кои буквално ништо не кажуваат за локалитетот и ништо не значат. За „Евакуација“ стои: „Со евакуацијата се врши планско, организирано и контролирано преместување на населението, материјалните добра и на културното наследство на Републиката, од загрозените во побезбедни подрачја. Евакуацијата се извршува доколку со други мерки не е можно да се спречат последиците од природните непогоди и други несреќи. Населението од подрачјето од кое се врши евакуација може да се евакуира во друга општина на одредено место и во одредено време.“ И што од ова може да се разбере???

Дополнително, не може јасно да се осознае колку луѓе ќе борават во градската четврт. Пресметани се околу 5000-6000 луѓе од кои околу 1800 жители и 3857 корисници.  Бројки кои воопшто не се за занемарување и се како еден мал град. За  каква опасност од земјотрес, пожар, дојава за бомба, колабирање на некој објект, па дури и снемување на струја, освен тоа дека за секој објект треба да се обезбедат, при проектирање, мерки за безбедност. Нема ништо за тоа како толкав број  луѓе би се евакуираале, по кои коридори, каде треба да се упатат и засолнат.

За жал, сè е сведено на пропишани мерки без  какво било значење. И секако не е оправдување дека вака се пишува во секој урбанистички план и дека секој и со вакви „мерки“ има позитивно мислење од сите државни институции: Дирекција за заштита и спасување, Министерство за внатрешни работи, Министерство за транспорт и врски и сите вклучени во процесот.

И, ШТО НАУЧИВМЕ ПОСЛЕ 60. години од катастрофалниот земјотрес во Скопје? Многу малку или ништо! Животот на граѓаните нема цена, БЕСЦЕНЕТ Е, но според урбанистичкото планирање во Македонија – БЕЗВРЕДЕН Е!

povrsini

Експерти од други области:

Зоран Петровски, културолог (за музејот и меморијата)

ОЧАЈ ОД ИЗГУБЕНАТА ВИЗИЈА

Скопје има два музеја во чиишто згради и збирки е вградена меморијата за трагичниот 26 јули 1963 г. и за неговите развојни текови по овој важен меѓник во историјата на градот. Едниот е напола урнатата  зграда на Железничката станица со иконичната фасада со застанатиот часовник на кобниот 5.27ч  во која се наоѓа Музејот на Град Скопје. Вториот е Музејот на современата уметност, формиран н благодарејќи на подароците на уметнички дела што неколку години по земјотресот здушно пристигнувале во разрушениот град од сите страни на светот како симболичен гест на солидарност во обновата на Скопје и во неговото приклучување кон модерните европски метрополиси. Сместена на највисоката точка на скопскиот акрополис, зградата на МСУ е едно од најзначајните архитектонски зданија и симбол на пост-земјотресната верба во надежната иднина на градот. Но, истовремено, токму отворањето на овие два музејски монументи на почетокот од седумдесеттите години  може да се смета и за почеток на крајот на кратката визионерска историска етапа за урбаниот развој на модерно Скопје  помината во само една деценија од меѓународниот конкурс за централното градско подрачје до конкурсот и изградбата на дел од Културниот комплекс, односно зградата на Македонската опера и балет.

Шеесет години подоцна, трагите од таа меморија на надежта родена од очајот се одвај видливи.

Поточно би  реклое дека веќе рапидно го доживуваме притисокот од тежината на обратниот процес: очај од изгубената визија.

Изложбата „Скопје- Градот феникс“ во Музејот на Град Скопје е пристоен, но сепак само вообичаен, пригоден, безброј пати повторен на овој или оној начин документарен приказ на настаните за време на земјотресот и за обединетата светска солидарност во помошта на градот во првите години по трагедијата и ништо понатаму . Таа  е веќе испразнета и потрошена церемонијална реторика на сеќавање на датумот. Изложбата е поставена во две сали на музејот, реновирани неодамна благодарејќи на грант од Светска банка. Но, погледот на останатиот простор ja открива неговата застареноста, простор кој не претрпел речиси никакви поважни структурни промени, иновирање или подобро конципирање речиси 50 години од неговата адаптација во музејска зграда и споменик на културата.

Но затоа, со мамутските градежни зафати на целиот просторен потег што го зафаќаше некогашната Железничка станица и потенцијалите за еден иден Музеј на Град Скопје, денес завладува навредливо неинвентивната, ефтина конфекциска архитектура за комерцијални и резиденцијални комплекси, чиишто несоодветни, монструозни габарити за тој простор постојано од некаде високо горе ѕиркаат и шокираат како главите на тираносауруси во некој Јура парк; сето тоа сега сосма  ја анулира меморијалната монументалност на иконичната фасада на МГС затворајќи го музејот во неговите постоечки тесни рамки, без можност за некој иден развој и претворајќи го во минијатурен и бизарен приврзок на безличните околни трговски молови.

objekt na KAM

Стефанка Хаџи Пецова (просторно планирање и пејзажно уредување)

РАЗМИСЛУВАЊЕ И КОМЕНТАРИ ЗА ДУП СТАРА ЖЕЛЕЗНИЧКА СТАНИЦА  ВО СКОПЈЕ

Зошто интересите на инвеститорите се со апсолутен приоритет на еден вака значаен дел на градот, во појас на допирот меѓу централното подрачје на градот со падините на Водно, на локација низ која минува раседна линија, на локација  кон која има дневно струење на воздушните маси од Водно кон реката Вардар и кон центарот на градот, на локација која има посебно значење во колективната меморија на скопјани?

Зарем јавниот интерес, а особено  квалитетот на микролокацијата, се обезбедува  со максимална изграденост на земјиштето/локациите, со подигање на висините на објектите и создавање на бариера кон Водно, со загушен објект на железничката станица – меморијален споменик,  едновремено и културен објект – Музеј на Град Скопје? Дали квалитетот на јавниот простор овде се обезбедува  со губење на врската меѓу центарот на градот со неговото најнепосредно соседство – домувањето и комерцијалните и деловни објекти,  со блокирање на пешачките врски меѓу жителите на Кисела Вода со центарот,  со уништување на можноста  граѓаните на Центар секојдневно да користат отворени зелени простори, а за да се прошетаат низ зеленило треба да се качуваат на зелен прооден покрив?

Всушност, актуелниот Детален урбанистички план кој е на испит на јавноста, не е развоен документ ниту за Општината, ниту за Градот. Ова  е само документ со кој треба да се разрешат неколку аспекти на функционирањето на активностите на поширокиот простор. Оттука, за планерите на дизајнот на овој простор, за Општина Центар, па и за администрацијата на Градот Скопје, најважните аспекти кои треба да се почитуваат за да се одговори на барањата за уредување на неколку локации и да се заокружи концептот на поширокиот простор, се следните факти: прво, дека централното градско подрачје е најголем топлински остров во центарот на градот и второ, дека старата железничка станица треба да биде доминантната, фокус точка на локацијата. Затоа, сметам дека урбаниот дизајн на просторот опфатен со ДУП Стара железничка станица треба да се заснова и да ги  вгради следните  аспекти:

(1) За справување со ефектите на топлинскиот остров во центарот на градот:

– потребен е повеќе отворен простор под зеленило (дрвја и тревници), а дел од секоја локација да биде покриен со зеленило, како што тоа го бара Законот за урбано зеленило, без субституција на урбаниот јавно достапен простор и јавното зеленило со жардиниери, вертикално зеленило, кровни градини;

– потребен е проток на свеж воздух од Водно кон центарот и затоа преостанатите неизградени локации треба да се сочуваат како продори и да се озеленат. Висините на објектите не смее да се наголемуваат за да не се сопира струењето на воздухот;

– потребно е да се озелени локацијата пред Рамстор која денес се користи како паркинг простор; ова е единствена неизградена површина којашто треба на жителите од соседството и на посетителите на деловните и комерцијалните објекти да им обезбеди зелено катче во целосно изградениот појас на некогаш предвидениот Јужен булевар;

– потребно е да се сочува и да се обнови зелената површина кај раскрсницата на Подвозникот која само пред неколку години беше уредена

– потребно е на местото на постојните бараки пред НЛБ, на фреквентната раскрсница на ул. Водњанска со ул. Васил Ѓоргов и ул. Јордан Мијалков, да се обезбеди зелен сквер како минимална заштита од издувните гасови од моторните возила.  Концептот за озеленување на раскрсниците, особено на големите раскрсници,  е поддржан од Град Скопје со прифаќање на Студијата за озеленување и пошумување на Скопје (2015);

– потребно е визурите кон околните ридови на Водно да бидат сочувани;

– потребно е сите деловни и комерцијални објекти да обезбедат кровни зелени градини со првенствена цел за  подобрување на микроклиматските услови; овие зелени покриви не можат да бидат замена  за урбаните отворени зелени простори. Лицемерието кон граѓаните ги преминува сите граници.

povrs

(2) За Старата железничка станица

Најзначајниот објект во опфатот на овој ДУП е објектот на Старата железничка станица. Разурнатата станица е  споменик на несреќата на сите граѓани на Скопје и едновремено потсетник на солидарноста за обнова на градот,  добиена од целиот свет. Споменик што е  длабоко врежан во колективната меморија на скопјани и на сите граѓани на државата. Во концептот за уредување и изградба во овој појас, железничката станица треба да добие посебен третман, да остане видлива, јасно забележлива,  опкружена со зеленило. Затоа што овој објект е симболот за почетоците на  Новото Скопје.

(3) Комуникација со Централното градско подрачје за жителите на Општина Кисела Вода

Потребни  се повеќе  пешачки премини – пасажи од ул. Мито Хаџивасилев кон ул. Јордан Мијалков. Всушност од сите сервисни улици кои водат кон улицата Јордан Мијалков да се обезбедат пешачки премини кон центарот. Постои реална опасност дека долж ул. Ј. Мијалков ќе се одвива само движење на моторни возила што значи дека нема да има пешачки движења и комуникација, а тоа подразбира мртов, па дури и небезбеден простор. Ако не се создадат можности за пешачење и долж улицата и премини – пасажи, кои ќе внесуваат свеж воздух кон центарот, тоа значи прифаќање на еден архаичен,  веќе надминат концепт со кој не се гради и создава  град за луѓе. Градот е за луѓе кога тие се движат пешки, кога комуницираат, кога улицата има содржини, кога уличниот пејзаж е свеж, сликовит, кога се нудат можности за премини и постојано откривање.

Остануваат прашањата:-

– дали е сѐ изгубено?

– дали некои идни генерации скапо ќе платат за да живеат во   хуман, здрав, безбеден, пристоен, озеленет простор?

Одговорот се очекува од Советот на Општина Центар, нему  му ја доверивме обврската да ја креира нашата иднина.

Граѓани (свое видување како граѓани по однос на квалитетот на живот, безбедноста, инвеститорскиот урбанизам):

Наташа Колеќевска Георгиевска (како се чувствува како граѓанин)

КРЕИРАМЕ ГРАД ХАОТИЧЕН И НЕБЕЗБЕДЕН

Некој некогаш кажал (мислам дека Џон Д. Рокфелер) дека секоја катастрофа е нова можност. За жал и покрај добриот почеток тоа не го постигнавме во Скопје по разурнувачкиот земјотрес во 1963 година. Од модерен град го претворивме во лоша копија од стиропор, а од град на солидарноста во град на себични инвеститори и политичари кои единствено мислат на профит (личен профит).

Општините издавањето градежни дозволи го гледаат како извор  на средства за општините (иако да бидеме реални многумина имаат и личен профит од тоа, а општината им е последна на ум кога ги менуваат ДУП-овите и издаваат дозволи), но забораваат дека со општината не може да се управува како со фирма и да се фокусираат само на профитот, општините имаат обврска да се погрижат за благосостојбата и квалитетот на живеење на своите граѓани.

Со градежната експанзија во Скопје (Општина Центар е посебно на удар) креираме грд, хаотичен и небезбеден град. Небезбеден бидејќи кога ќе погледнеме колку често се прекршуваат и игнорираат прописите и законите не може човек да не помисли колку се безбедни новите објекти.Ги надминуваат дозволените параметри и никому ништо. Се вознемируваме само кога ќе се случи белја, а опасностите не демнат постојано (на пример непристапност за противпожарните возила, сеизмолошки проверки, квалитет на градежен материјал и изведбаитн.). Тука е и загадувањето од градилиштата и блокирањето на природниот провев во градот од Водно и долж Вардар. Имаме сообраќајни решенија што не се прилагодени на новонастанатата состојба или сосема отсуствуваат (на пр. Лимак зградите веќе се пуштаат, а кружните текови и сообраќајници во тој дел не се направени), на страна постојаната реконструкција на улицата на штета на зеленилото и пешаците. Тука е и прашањето за современ и добро организиран јавен превоз (со точна саатница и поврзаност на сите делови од градот) со што ќе се намали сообраќајот.  Друг проблем е немањето доволно паркинг места, бидејќи бројот на паркинг места што задолжително мора да се обезбедени за  секоја зграда за да помине технички преглед всушност се продаваат. Дел од станарите не купуваат места, што значи се паркираат на улица (има и случаи кога по пуштањето на зградата ги заградуваат и користат за друго).

Кога се издаваат градежни дозволи, кога се усвојуваат ДУП-ви не може да се заборави на зеленилото, на сообраќајот (како ќе се движат и колкав метеж ќе направат новодоселените), дали има доволно места во училиштата и градинките во реонот за новодоселените. Ова се работи што однапред се предвидуваат и решаваат, а не пост фестум, па решението ни е само просто ќе дозволиме поголем број деца да се запишат во градинките. Притоа  забораваме дека  градинките  се ВОСПИТНО-ОБРАЗОВНИ институции, а не само место каде децата ќе ги чуваат додека родителите се на работа.

thumbnail (3)

Дејан Зрмановски, член на граѓанската иницијатива Шанса за Центар

НАЕДНАШ СЕ СЕ ПРЕТВОРИ ВО БЕТОНСКИ ЗМЕЈ

Само накусо ќе се осврнам на неколку области од центарот на градот кои будат убави спомени од  минатото, Но сега, со новата инвеститорско-политичка спрега, забрзано и без вклучување на јавниот интерес, сѐсе претвори во нехумано,бетонско и само бетонско задушување на јавниот простор.

Дебар маало

Се сеќавам  кога во осмолетското доба одев на курс по англиски јазик во Центарот за странски јазициПатот ме водеше низ тогаш тивките и живописни улички на Дебар маало. Секогаш се загледував во некоја од куќите кои беа дел од урбаната композиција на тоа маало. Сега  полека, но сигурно, исчезнува во новокомпонираните бетонски симфонии, создадени исклучиво по вкусот на сегашните финансиски незаситни градители и постојано гладните градоначалници. За жал, бескрупулозната бетонозација на ова маало е несопирлива и не го зема во предвид постојниот капацитет на инфраструктурата и потребата од зеленило на овие простори.

Булевар Св. Климент Охридски

Сетете се каков двоен дрворед од липи имаше по целата должина на булеварот Св. Климент Охридски кој децении наназад се пробиваше во височините на градското небо. Во средината имаше шеталиште на кое само малку му требаше да се реновира за да го врати првобитниот сјај и функционалност. Огромна, речиси ненадоместлива, штета беше нанесена во една ноќ со безмилосно сечење на долгогодишните липи и уништување на  тој единствен и уникатно урбан јавен простор во центарот на градот. Понатаму, булеварот непотребно се прошири со дополнителни коловозни ленти и прерасна во еден безличен широк булевар, што воопшто не доликува да го има централното репрезентативно подрачје на градот.

Стара железничка станица

Долго време по преместувањето на старата железничка станица и изградбата на нова на сегашната локација, опустошениот просторот таму беше оставен на забот на времето и долгогодишната безидејност за урбанизација. Наеднаш, сето тоа се претвори во бетонски змеј со четири краци од опашката негова, строго вивнати во воздухот, заградувајќи го хоризинтот и одземајќи им го на постојаните жители и минувачи таму моментот за мирен поглед кон планината.

Би додал и еден цитат од деканот на Градежен факултет – Скопје, проф. Горан Марковски,  неодамна даден на ТВ емисија: „Се соочуваме со радиоактивна  урбанизација. Новата високоградба, која ги штити само интересите на инвеститорите, а не јавниот интерес, наметнато зрачи и само лошо влијае на расположението на граѓаните”.

Испрати коментар

Scroll To Top