Насловна / Арт и дизајн / 60 години Музеј на современа уметност – Скопје

60 години Музеј на современа уметност – Скопје

Оваа година на 11. февруари Музејот на современата уметност – Скопје бележи 60 години од основањето. Со цел одбележување на овој настан и како најава за програмските активности во јубилејната 2024 година, Музејот организира дневен настан – матине во сабота на 10 февруари со почеток од 12 часот.

mss

На овој значаен јубилеен ден, ексклузивно по 35 години, ќе биде изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 –2023). По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност започнуваат да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на Музејот. Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на нашиот музеј, е конзервирано од стручниот тим на МСУ-Скопје и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања.

msu

На јубилејниот настан ќе биде претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр.35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија и во кое се вклучени значајни оригинални прилози, кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности, практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти кои ги адресираат и вон-човечките простори.

По формалното обраќање, програмскиот дел за настанот вклучува стручно водење низ тековните поставки со нашиот кустос-водич Бојана Јанева и симболичен коктел придружен со диџеј сет на Игор Спироски, во неформална атмосфера.

Испрати коментар

Scroll To Top