Во согласност со законските одредби, електричниот и електронскиот отпад треба да се складира на соодветни места за оваа намена определени и опремени од страна на општините. Но, општините сè уште не ја исполниле оваа своја обврска, а само околу 500 фирми, увознички или произведувачи на електрични и електронски производи, се приклучиле на системот за управување со ваков вид отпад.
Ваков простор има определено само градот Скопје, додека покрената е постапка и во општините Охрид и Кочани. За другите општини нема информации. Секако, потребна е поголема пропаганда и информирање на граѓаните и општините за обврските што произлегуваат од законите што го регулираат прашањето – вели заменик министерот за екологија Стево Темелковски. Ако граѓаните го фрлаат овој отпад на несоодветно место, покрај контејнер или во нива или река, се соочуваат со казна од 60 евра.
Според едно истражување, 19 отсто од граѓаните во земјава чуваат најмалку по еден стар телевизор, 20 отсто стар телефон, 22 отсто ладилник, 17 отсто од граѓаните чуваат стар електричен шпорет, а дури 33 отсто од нив имаат по некој стар компјутер или печатач во своите домови или килери. Состојбата станува алармантна кога се имаат предвид и податоците дека годишно во земјава се увезуваат 33.000 тони техничка стока и околу 5.000 тони компјутерска и оптичка опрема. Според планот на министерството за екологија, до 2020 година треба да се соберат годишно по четири килограми електричен и електронски отпад по жител.