Скопје денес одбележува 53 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени…
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес чија јачина изнесувала 10-11 степени. Скопје потоа бил изграден на денешното место. И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.
Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред 53 годинa, на 26 јули 1963 година, кога Скопје беше погодено од земјотрес со јачина од девет степени по Меркалиевата скала или шест според Рихтеровата со епицентар на плоштадот „Македонија“.