Светското здружение на урбанистички планери ISOCARP (International Society of City and Regional Planners), кое е формирано во 1965 година во Холандија, вклучува членови од повеќе од 80 земји од целиот свет.
Асоцијацијата е платформа преку која планерите и другите структури засегнати преку урбанистичкото планирање, од различните делови од светот разменуваат искуства, практики, актуелни и идни предизвици од областа на урбаната средина и просторното планирање.
Централно збиднување на ова здружение е годишниот конгрес кој секоја година се одржува во различна земја и каде што неговите членови може да се информираат за многу тековни и идни проблематики од оваа област. Оваа година, од 19 до 23 октомври конгресот јубилејно одбележувајќи 50 години постоење, „се враќа дома“ и ќе се одржи во Ротердам, Холандија. Заедничкиот наслов на овогодишниот конгрес е Cities save the World. Let’s reinvent planning!
Тоа што е различно по повод неговиот јубилеј, е тоа што оваа организација има идеја новиот конгрес да го организира на сосема поинаков и креативен начин. За таа цел, програмата како и централната дебата на конгресот овој пат ќе бидат создадени од 12 различни работилници во 12 градови од три земји: Белгија, Германија и Холандија.
Градовите што ќе земат активно учество и ќе ги отворат вратите на своите работилници со различни актуелни теми за сите заинтересирани планери, архитекти и дизајнери се:
- Антверпен: „Како да се преструктурира продуктивниот град“
- Дортмунд: „Како да се изедначи економскиот развој преку просторните планови”
- Девентер: „Како да се воспостави правна рамка за локално интегрирано планирање”
- Амстердам, Шипхол: „Како да се создаде мрежа во глоблизиран Свет“
- Мастрихт: „Како да се создаде прекуграничен урбан систем”
- Амстердам: „Како да се изгради градот на кооперативен начин”
- Вагнинген: „Како да се нахранат светските метрополи”
- Ротердам: „Како да се развие ултрамодерна синергија на градот со пристаништето”
- Гронинген: „Како да се одржат водата и енергијата како ресурси“
- Ајндховен: „Како да се реагира кога традиционалните индустрии ќе згаснат“
- Делфт: „Како да се создаде одржлив регион на знаење“
- Брисел: „Како да се создаде меѓународен капитал со локални жители”
Главната порака на Генералниот известувач од овогодишниот конгрес, Џудит Рајзер од Обединетото Кралство е: „Темите на овогодишниот конгрес на ISOCARP илустрираат колку често оваа организација е предводник на иновации кога станува збор за урбаното планирање, и во овој дух конгресот планиран за 2015 година да воведе вистинска иновација во самата организација“.
Педесет и првиот конгрес е шанса оваа организација да ги отвори своите врати кон целиот свет и да ги покани најмотивираните млади урбани планери, дизајнери и архитекти да се придружат кон креативните работилници и со заеднички идеи и креативни ставови да се создадат прогресивни и уникатни решенија кон комплексните промени и предизвици, кои ги носи урбанизмот на 21 век.
Секој заинтересиран може да се приклучи на која било од наведените работилници на два начини и тоа преку јавната on-line дебата и да ја збогати содржината на актуелните теми со содржини од сопствено истражување или статија на одредена тема преку платформата http://www.isocarp2015.org/, или пак да пријави учество за присуство на некоја од работилниците преку линковите за контакт на горенаведената општа платформа. За дополнителни информации за начинот на кој можете да се вклучите во работилниците и промоција на конгресот, можете да се обратите на м-р Ирена Итова дипл.инж.арх.