До Министерството за животна средина и просторно планирање се доставени 49 понуди од домашни и странски компании за вкупно 80 локации за мали хидроелектрани, информираше министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми на отворањето на понудите.
„Ова е голема заинтересираност за изградба на ваквите хидроцентрали, затоа што и студијата што беше подготвена од Министерството покажуваше дека некои локации се поатрактивни. Владата пред да го отвори овој повик имаше неколку измени во врска со повластените тарифи и други олеснувања за инвеститорите се со цел локациите да бидат поатрактивни и да имаме повеќе заинтересирани“, истакна Адеми.