43. Меѓународен саем на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел – МЕБЕЛ 2017 започнува на 21 март и ќе трае до 26 март.
Веќе две години по ред изложбениот простор опфаќа 11 хали со мебел и опрема за домаќинства, како и една хала наменета за машини и репроматеријали за индустријата за производство на мебел.
Саемот на мебел е една од најатрактивните манифестации во Македонија поради декорираните простори и понудата на мебел по сечиј вкус. Над 50.000 посетители секоја година ги минуваат штандовите на овој настан, а учество ќе земат повеќе од 400 домашни и странски изложувачи. Има учесници од Србија, Хрватска, Грција, Италија, Босна и Херцеговина и Словенија.
Овогодишниот Саемот на мебел, ќе понуди оригинални дизајни за уредување на домот и ќе им овозможи на посетителите да бидат во тек со светските трендови за модерните кујни и елегантни бањи, осветлување, подови и ѕидни декорации, материјали за тапацирање, канцелариски мебел, мебел за јавни објекти, како и најновите технички и технолошки достигнувања на репроматеријали, машини и опрема за обработка на дрво кои заслужуваат целосно внимание.
За време на МЕБЕЛ 2017 учество ќе земат и повеќе банки и осигурителни компании кои на посетителите ќе им ги понудат поволностите за кредитирање и осигурување на своите домови.
Овогодишниот Саем за мебел ќе им понуди и интересен шопинг предизвик на посетителите, кои за да учествуваат во истиот ќе мора да го посетат Саемот, да направат фотографија од нивното омилено парче мебел и истото да го објават на нивниот Фејсбук профил како јавен пост, со хаштагот #МоетоОмиленоПарчеМебел. Откако, ќе го направат тоа, фотографиите со најмногу лајкови ќе бидат наградени со вредносни ваучери од 300, 500 и 700 евра.
Саемот ќе биде отворен од 10.00 до 20.00 часот, цената на влезницата е 100 денари, а за групни посети и студенти 50 денари.