„Вистинска одлука во вистинско време“ беше слоганот на овогодишниот 42. по ред Меѓународен саем за градежништво SEEBBE, што се одржа од 19 до 23 април годинава на Белградскиот саем. За време на траењето саемот бил посетен од околу 50.000 посетители.
Со промоција на материјали, машини и други производи, кои се користат за градење, реновирање, реконструкција и опремување на станови, куќи и разни деловни простори, излагачите ги претставија сите сегменти на градежната индустрија.
Учесници во настанот оваа година се истакнати градежни производители, дистрибутери, како и трговци со опрема и материјали од регионот и светот. На саемот учествуваат повеќе од 500 излагачи од 24 земји од светот. Така, меѓу странските излагачи се компании од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Чешка, Германија, Грција, Хрватска, Унгарија, Индија, Италија, Полска, Македонија, Романија, Русија, Саудиска Арабија, Словенија, Јужно-африканската Република, Јужна Кореја, Шпанија, Швајцарија и Турција.
Од Македонија, со свое редовно присуство и производствена презентација се појави компанијата „АДИНГ“, една од водечките компании во Југоисточна Европа за производство и пласман на хемиски материјали за градежништвото.
Домашните излагачи од Србија го претставија духот на српското градежништво, понудија најнови решенија од монтажното градење на куќи и викендички направени од дрво, но, исто така, промовираа и изградба на објекти со користење на најновите технологии.
Отворениот простор на саемот беше исполнет со елементи и материјали од градинарската индустрија и од областа на хортикултурата. На саемот се претставија и фирми специјализирани за столарија, опрема за осветлување, уредување на ентериери и екстериери, како и компјутерски софтвери и машини за обработка на профили за прозорци и обработка на стакло.
Посебен сегмент беа најразличните материјали за градење и широкиот спектар на други градежни материјали, како и голем избор на производи од бетон и уреди за климатизација и греење. Посетителите ги чекаше и голем избор на керамичка галантерија, мебел за бања, опрема за базени и сауни, како и термо, хидро и звучна изолација, материјали за завршни обработки – бои, лакови, но и молерски алатки.
За време на манифестацијата, посетителите имаа можност да добијат бесплатни стручни совети за уредување на ентериери. Спонзор на овој важен саемски настан во Југоисточна Европа во областа на градежништвото, беше грчката компанија „Ролка“, а официјално осигурување на настанот беше „Триглав“.