Пет години дружење со читателите
Медиумскиот поддржувач на Биеналето на македонската архитектура Порта3 беше неизоставен дел од празникот на македонските архитекти.
Порта3 го одбележа малиот јубилеј – пет години од своето постоење. На отворањето на Биеналето, во име на оснивачите на единственото списание за градежништво, архитектура и екологија, присутните ги поздрави главниот уредник Наталија Новаковиќ-Добревска. Таа, во кусото обраќање потсети, дека „Со нови идеи во медиумските води“, беше слоганот под кој пред пет години, на македонскиот медиумски простор се појави првиот број на нашиот двонеделник по идеја на г-динот Благоја Дончев, сегашен генерален директор на компанијата "Адинг".
Списанието следејќи ги барањата на читателите и современите текови неколкупати го менуваше својот лик. Најголемата трансформација се случи во 99-тиот број, кога се смени форматот и "Порта 3" прерасна во списание со современ изглед. На отворањето на БИМАС беше претставен најновиот дизајн на списанието. Станува збор за поинаков формат и ново графичко решение, во склад со светските трендови. "Порта3" не е затворена книга, нагласи Новаковиќ. Напротив, таа е постојано отворена за соработка со сите. Било да се работи за предлози, за идеи, маркетиншка соработка… Списанието ширум ги отвора вратите за презентирање на сите научни истражувања на поле на градежништвото, архитектурата и екологијата. Има место и за студентите и за младите стручњаци кои ќе овозможат да струјат млади и свежи идеи и мислења.
Одбележувањето на јубилејот заврши со коктел на кој присутните можеа да ги пробаат новите вина на "Грозд", од поднебјето на Струмица и да уживаат во нив.