Насловна / Архитектура / 3LHD трансформира пет историски хотели во Купари во комплекс со пет ѕвезди

3LHD трансформира пет историски хотели во Купари во комплекс со пет ѕвезди

Во автентично медитерансо опкружување на локалитетот Купари на хрватското крајбрежје, на парцела од 170.000 квадратни метри на шест километри од Стариот град Дубровник, планирана е изградба на туристички комплекс, кој го проектираше реномираното загрепско студио 3LHD.

Проектот за идниот Купари Дубровник Ресор, како што гласи името на одморалиштето чиј инвеститор е компанијата HPL од Сингапур, предвидува реконструкција на пет историски хотели во единствен туристички комплекс со приближно 400 легла, како и бројни придружни објекти.

Хотел со пет ѕвезди, апартмани и вили

Како што објаснуваат од 3LHD, проектот за реконструкција максимално ќе ја искористи локацијата на постојните објекти со цел да се обезбеди поглед на плажата и морето, како и на брегот.

„Поради својата локација во природна долина, опкружена со драматични падини кои ќе останат недопрени, одморалиштето на гостите ќе им обезбеди приватност и чувство на заштитеност“, наведуваат од студиото и додаваат: „Постоечките хотелски структури во подножјето на падината од двете страни на парцелата ќе бидат реновирани според високи стандарди, со хотел со пет ѕвезди од едната страна и 32 апартмани и четири вили од другата страна“.

Од студиото истакнуваат дека зелените кровови и големите стаклени површини на фасадите ќе овозможат сместувачките единици целосно да се вклопат во природната средина.

Централно сместен Хотел Гранд ќе биде обновен како центар на комплексот со спа содржини, специјален ресторан и банкет сала.

„Сервисните простори се сместуваат во постоечките објекти на задната страна на парцелата за да останат одвоени од срцето на комплексот“, велат загрепските архитекти.

 

Реновиран едриличарски клуб во новата марина

Сите гости на идниот ресор ќе имаат пристап до плажа, како и низа базени со лежалки за сончање, кабински куќички покрај базен, зони за спортови на вода и павилјони за храна и пијалоци.

„Реновираниот едриличарски клуб/ресторан ќе биде фокусна точка на новата марина дефинирана со нова пристанишна структура, изградена за заштита и сместување на мали и големи бродови“, истакнуваат од 3LHD.

По должината на брегот над нивото на плажата има и пешачка патека, која на гостите треба да им овозможи лесен пристап до содржините на комплексот.

Што се однесува до пејзажното уредувањето, кое 3LHD го работи заедно со студиото Scape Design, изобилството на пораснато зеленило, треба да обезбеди чувство на постојаност и поврзаност со природата.

„Плановите предвидуваат зачувување на постоечките дрвја и создавање разновидни градини во одморалиштето“, велат од студиото, кое стои зад некои од најдобро проектираните хотели на Јадранот.

Кога станува збор за ентериерот, проектот е доверен на студиото Meyer Davis од Њујорк и LW Design Group од Дубаи, што според досегашните реализации на двете компании може да се покаже како добитна комбинација.

Локациска дозвола следната на ред

Што се однесува до понатамошната иднина на проектот Купари Дубровник Ресор, општината Жупа Дубровачка неодамна го усвоила конечниот предлог за измени и дополнувања на Урбанистичкиот план „Купари I“, со што се отворил пат за следната фаза на реализација – добивање на локациска дозвола.

Испрати коментар

Scroll To Top