Во периодот од 30 април до 4 мај 2018 година, во Miami, САД, се одржа 38-та Годишна Конференција на United States Society on Dams (USSD), највлијателната членка на Меѓународната комисија за големи брани (ICOLD), која таму е позната како Национален Комитет за Големи Брани на Соединетите Држави (USCOLD). Конференциските активности се одржаа во Конгресниот центар Мајами и во соседниот хотел Hyatt Regency, во центарот на Мајами, најголемиот град во Флорида. Домаќин на овогодишниот собир беше реномираната институција U.S. Army Corps of Engineers, Jacksonville District. Конференцијата ја отвори претседателот на USSD, Dean Durkee, а обраќања до учесниците имаа и потпретседателот на Меѓународната комисија за големи брани Michael F. Rogers, ICOLD Vice President, и директорот на водостопанство на Јужна Кореа Dr. Kyeonsik Kim, General Director, Korea Water Resources Corporation.
Основната тема на конференцијата беше „Балансирање на брани, насипи и екосистеми“, која ја одразува важноста на еколошки одржливите проекти за вода во различни, а понекогаш и кревки екосистеми.
Затворачница на канал на Herbert Hoover Dike
На конференцијата беа презентирани избран број на реферати, селектирани од големиот број реферати публикувани во Зборникот, кои беа рецензирани од научен одбор составен од најеминентните научници во областа на браните во САД, членови на техничките комитети на USSD. На конференцијата, покрај од САД, имаше и учесници од други 12 држави, а најбројни беа од Канада и Мексико. Со говорна презентација беше презентиран и рефератот NUMERICAL ANALYSIS OF DISPLACEMENTS IN THE POST-EXPLOITATION PERIOD OF TAILINGS DAMS WITH A COMBINED CONSTRUCTION METHOD, од авторите Љ. Петковски и С. Митовски.
Презентација во сесија за јаловишни брани
Покрај теорискиот дел од конференцијата, квалитетно беше спроведен и практичниот дел – со организирана стручна посета на два хидросистеми, Tamiami Trail и Herbert Hoover Dike. Tamiami Trail претставува историски автопат што ги поврзува Тампа и Мајами. Меѓутоа, тој беше рекогносциран како бариера на природните водни текови на мочуриштето во средишниот дел на јужна Флорида. Делницата во должина од 25 миљи, која напречно го пресекува мочуриштето западно од Мајами, функционира како брана.
Презентација на хидротехничките објекти на на Tamiami Trail
Таа брана го лимитира втекувањето на вода во Shark River Slough, главниот базен за слатка вода на националниот парк Everglades National Park (ENP). Реставрацијата на мочуричтето е комплексен хидротехнички проект кој се состои од десетици километри надолжни и напречни канали, бројни пумпни станици, мостови и подобрувања на патишта, кои со тек на време премногу слегнале во неповолните геотехнички формации. Станува збор за исклучително скап хидротехнички проект, каде досега се вложени повеќе десетици милиони долари, а за довршување на истиот потребни се дополнителни огромни инвестиции. Меѓутоа, заштитата на животната средина во мочуриштето и опстанокот на биодиверзитетот во Националниот парк на јужна Флорида се узвоени како бесценети и е одлучено целосно комплетирање во идниот период.
Насип на Herbert Hoover Dike
Земјениот насип Herbert Hoover е систем од насипи лоцирани по периметарот на езерото Okeechobee, во централниот и јужниот дел на Флорида. Дренажниот систем на Lake Okeechobee e составен од 1,800 миљи на канали и насипи и 160 главни дренажни базени. Во центарот на мочуриштето е езерото Okeechobee со површина од 730 квадратни миљи, каде гравитира дотекување од сливно подрачје со 5,300 квадратни миљи. Денес, повеќе од шест милиони население зависат од овој хидросистем, а се очекува популацијата да се дуплира до 2050-та година.
Карактеристични напречни пресеци на Herbert Hoover Dike
На крај би истакнал дека учеството на меѓународни конференции, посебно во САД – најнапредната држава во Светот во областа на „Инженерството за брани“, е од непроценливо значење за хидротехничарите, независно од тоа дали се бават со теориска или практична дејност. Ја ползувам оваа можност да се заблагодарам на Градежниот факултет во Скопје, без чија финансиската поддршка, учеството на конференцијата во Флорида во 2018 година ќе беше тешко изводливо.
Автор: Проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет во Скопје