Насловна / Вести / 37. Годишна конференција на Друштвото за брани на САД

37. Годишна конференција на Друштвото за брани на САД

Во периодот од 3 до 7 април 2017 година, во Anaheim, САД, се одржа 37. Годишна конференција на United States Society on Dams (USSD), највлијателната членка на Меѓународната комисија за големи брани (ICOLD), која таму е позната како Национален комитет за големи брани на Соединетите Држави (USCOLD). Конференциските активности се одржаа во Конгресниот центар Anaheim и во соседниот Marriott Hotel, во непосредна близина на забавниот парк Disneyland, во сончевиот Los Angeles, јужна California. Домаќин на овогодишниот собир беше Одделението за безбедност на браните на Одделот за водни ресурси на Калифорнија, а Конференцијата ја отвори претседателот на USSD, John S. Wolhope.

Основна цел на Конференцијата, содржана во нејзиниот наслов беше „Светот е мал – Управување со нашите водни ресурси“. Темите на конференцијата беа следниве: (1) Влијание на екстремни настани како „нова нормала“ за водни ресурси и инфраструктура, (2) Управување со неизвесност и ризик во долгорочно планирање на водните ресурси, (3) Човечки фактори и трансфер на знаење, (4) Регионално, национално и глобално прилагодување на ограничените водни ресурси и (5) Водните ресурси за идните генерации, како и дополнителни 14 теми во рамките на техничките комитети на USSD. На конференцијата беа презентирани избран број на реферати, селектирани од големиот број реферати публикувани во Зборникот, кои беа рецензирани од научен одбор составен од најеминентните научници во областа на браните во САД, членови на техничките комитети на USSD. Техничките сесии на конференцијата беа фокусирани на најдобрите практики и нови технологии во врска со бетонски брани, насипни брани, ризик, јавната сигурност и безбедност, изградба и рехабилитација, хидрологија и хидраулика, мониторинг, земјотреси и еколошки прашања. На конференцијата, покрај од САД, имаше и учесници од други 15 држави, а најбројни беа од Канада и Мексико. Со постер презентација беше презентиран и рефератот COMPARISON ANALYSIS OF THE BEHAVIOR OF ROCK-FILL DAMS WITH CLAY CORE UNDER THE EFFECT OF THE VARIATION OF WATER LEVEL IN THE RESERVOIR, од авторите Љ. Петковски и С. Митовски.100

Anaheim, Los Angeles, California, USA

Покрај теорискиот дел од конференцијата, квалитетно беше спроведен и практичниот дел – со организирана стручна посета на два хидројазли, Perris и Diamod Valley. Браната Perris е лоцирана во областа Riverside, во Калифорнија, во сеизмички активен регион, на растојание од 5 милји од раседот San Jacinto Fault, каде е можен земјотрес со магнитуда од 7,5 степени. Оваа земјена зонирана брана, со многу наклонето глинено јадро е со височина 39,0 м и со должина во круната од 3,54 км. Браната била изградена во 1970-1972 година, според проект за сеизмичка отпорност, кој бил на највисоко ниво на знаење за тој период, со користење на податоци за динамичките параметри на материјалите добиени од циклични триаксијални тестови. Потребата за сеизмичка санација на основата под браната е детектирана во 2005 година, со примена на сегашното највисоко ниво на знаење за потенцијалот на ликвифакција, со користење на резултатите (број на удари) од стандарден пенетрационен тест. Теренското истражување било реализирано со 120 SPT дупнатини (со 1,318 тестови) и 139 CPT дупнатини. Од тогаш, па сè до сега, Одделот за водни ресурси на Калифорнија вовел рестрикција на заполнетоста на акумулацијата, која не смее да надмине 7,62 м под нормалното ниво во акумулацијата. Во моментов се реализира сеизмичка санација на браната Perris со метод на „Длабока цементно почвена мешавина“ или Cement Deep Soil Mixing (CDSM), како дел од Главниот проект и тестот со „пробно поле“ кое било комплетирано во 2010 година.

101

Anaheim Convention Center, Los Angeles, California, USA

Сеизмичката санација се состои од три дела: (1) отежнување со берма на зоната низводно од ножицата на браната, (2) три реда на бунари за дисипација на ликвифакциониот порен надпритисок и (3) CSDM за зајакнување на основата во зоната на младиот алувиум. Градежните работи, проценети на околу 70 М$ започнале во 2014 година, со постапката CMDS е завршено во 2016 година, а сега е во тек стабилизацијата со бермата. Сите санациони работи да бидат комплетирани во 2018 година. Главната цел на сеизмичката санација е да се подобри основата и да се редуцира поместувањето во круната на браната при дејство на најголем земјотрес до прифатливи 1,5 м.

110

Свечено отворање на 37. Конференција на USSD во Anaheim

Примерот со динамичка ревалвација и сеизмичка санација на браната Parris, треба да биде искористен за проверка на земјотресната отпорност и евентуална санација на поголем број изградени насипни брани фундирани на нестеновита основа и/или кај јаловишни брани во Република Македонија, сè со цел да се подобри нивната сигурност при дејство на силни земјотреси.

Езерото Diamod Valley се наоѓа 90 миљи југоисточно од Лос Анџелес и е формирано со градба на две насипни брани: Don Owen Dam и East Dam, изградени во периодот 1995-1999 година. Ова езеро е најголемата акумулација за водоснабдување во јужна Калифорнија и претставува „скапоцен камен“ на сложениот хидросистем составен од голем број езера во Калифорнија. Добивките од овој повеќенаменски систем се управување со водите за водоснабдување и хидроенергетика (со инсталираност од 29,7 MW), но и еколошки гарантирано протекување, рибарство и рекреација. Учеството на конференцијата во Калифорнија беше искористено и за посета на лачно гравитационата брана Хувер (или Боулдер), на границата помеѓу Невада и Аризона, во близина на Лас Вегас. Оваа брана е изградена во 1936 година, со височина од 221,0 m и волумен од 2.480.000 m3, и е една од најзначајните во „Инженерството за брани“ зашто бил постигнат голем прогрес во производството и вградувањето на масивен бетон во огромни количини.

104

Санација на браната Perris, основа во левиот бок на долината, California, USA

На крај би истакнал дека учеството на меѓународни конференции, посебно во САД – најнапредната држава во светот во областа на Инженерството за брани, е од непроценливо значење за хидротехничарите, независно од тоа дали се занимаваат со теориска или практична дејност. Ја ползувам оваа можност да се заблагодарам на Градежниот факултет во Скопје, без чија финансиската поддршка, учеството на конференцијата во Калифорнија ќе беше тешко изводливо.

105

Хидросистем Diamod Valley, California, USA, Хидроцентрала и долен базен

106

Зафатни кули за хидроцентралата, Hoover Dam, Nevada/Arizona, USA

107

Машински згради во левиот и десниот бок, Hoover Dam, Nevada/Arizona, USA

Подготви и напиша: проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет во Скопје

Испрати коментар

Scroll To Top