33. издание на Ликовната колонија Галичник како и до сега ќе се одржи од 21 до 28 август. „Колонијата ја потврдува својата тенденција на имплементацијата на предностите на новата ера во античкиот амбиент на прекрасниот Галичник, како додавање на ново ткиво во организам со дефинирана стратиграфија. Хабитусот помеѓу старото и новото се издигнува во синтеза, синергија, надградба, современост со нагласен културен предзнак. Постојаните мешања и меѓу националниот белег, македонската гордост: културата на нашата земја и меѓународниот дух и културата на другите, различните; односот меѓу историјата, природата, фолклорот и традицијата со современата и урбана анемија на постмодерната уметност, ја формираат и дефинираат Ликовната колонија Галичник како специфика не само на национален, туку и на регионален план. Квалитативниот императив е структурен елемент во систематската формална поставеност на оваа важна манифестација, а таа е потврдена со високото позиционирање на колонијата. Несебичната посветеност и ентузијазам во име на продолжување на долгогодишната културна традиција на селото Галичник и Реканскиот крај и во име на квалитетната нововременска уметност воопшто и секако аспектот на размена на искуства и знаења и човечки ресурси се главните постулати на колонијата“, вели уметничкиот директор Ана Франговска.
Ана Франговска
Одржливост
„Секоја година колонијата има тема, а оваа година фокусот е ставен на одржливоста, како многу популарна, но истовремено и многу проблематична именка во современите уметности“, продолжува Франговска и додава: „Зошто е ова важно за глобалниот процес на (еколошката) менталната трансформација кон поодржливи општества?
Гоце Наневски
Специфичните уметнички практики, како што е еколошката уметност, и секојдневните практики, како што е пешачењето, ја илустрираат релевантноста на естетиката на одржливоста. Поимот „неодржливост“ ги карактеризира повеќедимензионалните аспекти на современата глобална цивилизациска криза. Повеќето автори кои пишуваат за оваа криза ги истакнуваат нејзините еколошки, социјални и економски параметри.
Нина Вале
Помалку автори разговараат за неговите културни димензии. Одржливоста, сфатена како процес на пребарување, треба да се однесува на сите димензии на неодржливоста, вклучувајќи ја и нејзината културна димензија. Зборот има неколку контрадикторни дефиниции, особено во зависност од тоа дали некој сака да ги нагласи „границите на [економскиот и индустрискиот] раст“ или верува во чудесната моќ на технологијата бесконечно да ги „заменува“ необновливите природни ресурси. Од културна перспектива, одржливоста може да се сфати како потрага по алтернативни групи на вредности и знаења за светот, реформирање на modi cognoscendi и формирање на разбирање на обрасците што ги поврзуваат економските, социјалните, политичките, културните и еколошките димензии на реалноста. Според тоа, културната димензија има основна вредност за целиот процес на пребарување на одржливоста“.
Зоран Тодоровиќ
Разговарање, размислување и дејствување, регионално и пошироко, по ова прашање во рамките на прекрасното село Галичник е целта на учесниците на овогодинешната сесија на Ликовната колонија Галичник 2022.
Славица Јанашлиева
Учесници
Марта Стисјак – Полска, Правдолуб Иванов – Бугарија, Ласе Лоренцен – Данска, Зоран Тодоровиќ – Србија, Валентин Стефаноф – Бугарија, НИНА Ковачева – Бугарија, Игор Сековски – Македонија, Славица Јанешлиева – Македонија и Гоце Наневски – Македонија. Одново станува збор за одлична селекција на уметници, сите со веќе завидни биографии и огромно искуство во современата уметност во светот, претставници на своите земји на престижното Венециско биенале и секако уметници со исклучително меѓународно излагачко реноме.
Се навестува уште едно одлично издание на Ликовната колонија Галичник.