Во Скопје свечено беше пуштена во употреба новата катна гаража „Разловечко востание“. Катната гаража се наоѓа во централното градско подрачје и со нејзиното отворање се очекува да се намали метежот и да се реши проблемот со паркирањето во најпрометниот дел од градот.
Вкупната површина на гаражата е 23.000 метри квадратни од кои 20.000 метри квадратни се наменети за паркинг просторот кој е распореден на девет надземни и едно подземно ниво, со вкупно 516 паркинг места, а останатите 3.000 метри квадратни се наменети за деловен простор
Гаражата ќе располага со четири лифта, два за паркинг просторот и два за деловниот простор, за наплата на услугите ќе има две шалтерски места и два паркомати, а со 48 камери ќе се врши 24-часовен видеонадзор. Сите овие услуги граѓаните ќе може да ги добијат за 30 денари паркирање од еден час.
Изградбата на гаражата „Разловечко востание“ почна во септември 2011 година и првично беше предвидено да биде отворена во 2013 година. Рокот беше пробиен, а првичниот буџет од осум милиони евра беше надминат за 850 илјади евра. Проектот го изготви „Иванов инженеринг“, а изведувач на градежните работи беше скопски „Бетон“.
Ова е трета катна гаража која се пушта во употреба во Центарот на Скопје,а неколку други се во фаза на градба и наскоро се очекува да бидат пуштени во употреба.